Конститутивна седница за избор на претседател на Собрание на РМ

Денеска треба да продолжи конститутивната собраниска седница која беше прекината пред Нова година. Но, пред да се премине на единствената точка на дневен ред-избор на претседател на Собрание на РМ, пратениците треба да гласаат за претседател на комисијата за избори и именување, која процедурално му доставува на парламентот предлог за избор на нов собраниски спикер.

Според договорот на партиите, за претседател на комисијата најверојатно ќе биде предложен Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ.

ДУИ веќе објави дека Талат Џафери ќе биде нивен кандидат за претседател на Собрание, но свои кандидати најавија и Беса, како и ВМРО ДПМНЕ.

Новиот претседател на Собрание треба да му достави барање на Претседателот на државата за доделување на мандат за состав на Влада. Мандатот го бара новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ. По ова Иванов има десет дена да го додели мандатот.