Корона дебакл, кондицискиот тренер и тенисерот Борна Ќориќ позитивни на Ковид 19

Тенискиот турнир Адриа Тур, во организација на Новак Ѓоковиќ, наместо спектакуларно финале, доживеа корона дебакл.

По Бугаринот Григор Димитров, позитивни на корона тестот се и хрватскиот тенисер, Борна Ќориќ, како и кондицискиот тренер на Ѓоковиќ, Марко Паники.

Српскиот тенисер одби да се тестира во Задар, бидејќи немаше симптоми и замина во Белград каде ќе го направи тој тест.

По веста за позитивниот тест на Димитров, турнирот во Задар беше прекинат, а на паркинг беа тестирани бројни тенисери и други учесници во организацијата.

Необичната идеја на Новак Ѓоковиќ да ѝ пркоси на светската пандемија, и на стартот беше дочекана со скепса, но сега бројни се критиките упатени на негова адреса.

Србија изминатите недели целосно ги укина забраните и мерките за заштита од Ковид 19, многумина би рекле предизборно.

Сега, откако завршија изборите, може да се очекува експлозија на епидемијата, бидејќи пред 10 дена се одржа и фудбалски натпревар со 15 илјадна публика.