КОРОНА сезнајковци

Пишува:проф.д-р Катерина Тодороска

Колку и да сака човек да се воздржува од коментари, не може. Тоа сме ние. Секој сѐ знае и секој за сѐ има објаснување.

Пред да го напишам ова што ми е мислата, ќе ви раскажам една случка од антиката.

Еден сликар бил повикан кај владетелот да му направи портрет. Сликарот работел подолго време на портретот, а владетелот бил нетрпелив да го види делото. Но, сликарот не му дозволувал велејќи дека сѐ уште не е готов. Откако сликарот завршил со сликањето го повикал шнајдерот и го прашал дали има забелешки на тоа како е насликана облеката. Шнајдерот гледал, гледал и рекол дека сѐ е во ред.

  • Мислам дека во сандалите има грешка – рекол шнајдерот.
  • За сандалите ќе го викнам чевларот – рекол сликарот.

Приказната е за ПРОФЕСИОНАЛНОСТА и за почитувањето на знаењето на оној кој е остручнет за тоа.

Е сега, за нас и за КОРОНА вирусот.

Меѓу нас има луѓе кои сѐ знаат и за сѐ се повикани да зборуваат. Меѓу нас има и такви кои немаат поим за што се зборува, ама тие имаат мислење за она што не знаат за што се зборува. И тоа не ме изненадува.

Ме изненадува недозволивата доза на непочитувањето на ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ.

Ме поразува потребата, по кој знае кој пат, сите да бидат „поумни“ од оној кој животот го посветил на одредена работа.

И најмногу од сѐ ме декуражи нафрлањето врз секој кој ќе посочи примери за непочитување на мерките за заштита на НАШЕТО здравје. Прво што беше кажано од лицата најповикани за КОРОНА-состојбата беше БЕЗ ПАНИКА. Се сеќавате на СВОЗ? Ама, ние сме ти народ сезнајко кому никој ништо не му може. Нели, „јачи смо од судбине“.

Спротивно на кажаното, се фрливме на празнење на продавниците, небаре се соочуваме со трета светска војна. Испразнивме аптеки по принципот, јас да имам, а ако нема за другите нека си мислат другите.

Децата не одат во градинки и училишта, а родителите со деца до 10 години и ризично болни се ослободени од одење на работа за ДА СЕДАТ ДОМА и да се спречи ширењето на КОРОНА-вирусот. Ама. Не се ослободени од шетање по паркови, од седенки по училишни дворови и детски игралишта.

Ич нема да пишувам за парковите, за гушкањата и бакнувањата со секој познат и непознат.

Кафаните се затворени, ама тука се бензинските пумпи. Па и таму има кафулиња, па наместо во кафани ќе си седиме и ќе се „дружиме“ на бензински пумпи. Оти, КОРОНА-вирусот не сака мирис на бензин.

И да не должам, оти се нервирам.

Некој може да НЕ го сака министерот за здравство, некој може да НЕ го почитува неговото мислење, некој може да не ги почитува ПРЕПОРАКИТЕ на Владата, некој може да НЕ го интересира туѓото здравје, некој може да НЕ почитува туѓа потреба да се заштити.

НО. Никој НЕМА право да го одземе правото на другите кои МУ веруваат на министерот за здравство, никој НЕМА право да му го негира правото на другиот да го почитува мислењето на министерот, никој НЕМА право да НЕ ги почитува препораките на Владата, никој НЕМА право да го загрозува туѓото здравје, никој НЕМА право да ја одземе туѓата потреба да си го заштити сопственото и здравјето на најблиските.

Од досегашното мое животно искуство знам дека можете да плукате по секого, ама во случајов со паниката и со непочитувањето на препораките од Владата на Македонија, си плукате врз себе и своите најмили.

За крај. Ви посакувам добро здравје и да немате потреба да одите по амбуланти и болници. Оти таму ќе ве пречекаат лекари, медицински сестри и друг персонал кој НЕ Е ослободен од работа само за да се грижи за НАШЕТО здравје. Таму ќе ве пречекаат ПРЕПОРАКИТЕ кои сега не ги почитувате, а таму ќе се каете што сте биле неодговорни и безобразни.

(проф.д-р Катерина Тодороска е научен советник/редовен професор во ИНИ и една од основачите на Демократи)