Косовската пратеничка призна дека фотографијата е фалсификат

По два часа поминати во полиција, пратеничката на владејачката Демократска партија, Фљора Бровина по испитувањето им се извини на граѓаните на Косово, посебно на жените кои биле жртви на сексуално насилство и на нивните семејства и призна дека фотографијата што ја покажа во Парламентот е фалсификат.

Бровина за време на пленарна седница во косовскиот Парламент покажа фотографија за којашто тврдеше дека е доказ за сексуалното насилство за време на војната во Косово, кон крајот на минатиот век, а наводно на неа се гледа жртвата Албанка и едно дете, за кои рече дека се силувани од српски војници.

Таа по изјавата во полицијата рече дека можеби се работи за фалсификуван документ кој е злоупотребен околу 2003 година кога ѝ бил предаден додека ја извршувала функцијата, претседател на Комисијата за исчезнати личности.

„Еден активист ми го предаде документот во плико и рече дека можам да го употребам и дека личноста е жива“, рече Бровина.

Косовските медиуми вчера и денеска објавуваа дека фотографијата е од војната во Ирак и дека е доказ за сексуално насилство на американски војници врз жени.

Фотографијата е дел од доаказните постапки во кои се осудени американски војници, а подолго време се наоѓа на ирачки порно сајт.

Лажната објава на Флорина му нанесе огромна штета на Косово, коментираат повеќе косовски, аналитичари, пратеници и политичари.