Косовскиот премиер во најава Албин Курти на средба во Скопје со премиерот Заев

Претседателот на Владата, Зоран Заев, во Скопје го прими и разговараше со претседателот на партијата „Самоопределување“ од Република Косово, Албин Курти.

На средбата на која присуствуваа и пратениците Мухамед Зекири од македонското Собрание и новоизбраните пратеници од Самоопределување во косовскиот парламент Фиторе Пацоли и Либурн Алиу, беа потврдени исклучително добрите односи меѓу двете земји и се разговараше за идната соработка која има силни потенцијали да ги зајакне билатералните врски во интерес на граѓаните на Северна Македонија и Косово, се вели во соопштението на Влада на РСМ.

Во текот на разговорот на средбата како приоритети се потенцираа проектите за инфраструктурно поврзување, меѓу кои, освен автопатот Скопје-Блаце, се и патните поврзувања меѓу Тетово и Призрен, како и дооформувањето на капацитетите на граничниот премин Јажинце кои во голема мерка ќе ја олеснат комуникацијата на граѓаните и на бизнис иницијативите меѓу градовите од западниот дел на Северна Македонија и југозападниот регион на Косово.

На средбата меѓу премиерот Заев и лидерот на партијата „Самоопределување“ од Косово, Курти,  беше нагласено дека одржувањето на добрите односи и новите иницијативи за соработка меѓу двете земји, е од исклучително значење и за Западен Балкан и за секоја земја во регионот одделно од аспект на заедничките аспирации за членство во ЕУ, се вели во соопштението.

Извор: Влада на РСМ