Костовски го обвини Управниот одбор на чело со Горан Трајковски за пропаѓањето на ,,Еуростандард банка“

Бизнисменот Трифун Костовски, мнозински акционер во „Еуростандард банка“ го обвини Управниот одбор за пропаѓањето на банката.

Тој на денешната прес-конференција рече дека биле пренесени жедни преку вода.

„Нашата вина ја лоцираме во изборот на Управниот одбор, нѐ пренесоа жедни преку вода, нè наместија“, рече Костовски.

Претходно ја обвини гувернерката Бежовска и Нардона банка кои, како што тој смета, се виновни што банката пропаднала затоа што не им давале повеќе од една година да работат.

Инаку, претседател на Управен одбор на ,,Еуростандард банка“ е поранешниот директор на УЈП во времето на Груевски, Горан Трајковски кој на ова место дојде во 2019.

Во биографијата на Трајковски поставена на интернет страницата на банката стои дека:

,,Кариерата во областа на финансиите ја започнал во Министерството за финансии во 2000-та година, како Советник на Министерот за даночна политика и администрација, и воедно раководи со Второстепената Комисија за даноци и царини.

Со почетокот на процесот за денационализација раководел со повеќе комисии, а со формирањето на Советот за денационализација, станал и негов Претседател и се фокусира на првата емисија на обврзници од денационализација.

Од Министерството за финансии преминува во Управата за јавни приходи како Директор на Регионална Дирекција Скопје, а паралелно членува и раководи со повеќе владини тела.

За периодот на децентрализација на локалната самоуправа се враќа во Македонија и станува Секретар на Град Скопје, каде во целост ја имплементира фискалната децентрализација и ги воспоставува локалните даноци.

Најголен дел од кариерата минува во Управата за јавни приходи како Генерален Директор, чиј период е одбележан со крупни реформи во даночната политика, воспоставување на систем на бруто плати, регулација на игрите на среќа, финансиска форензика и севкупниот процес на модернизација на даночната администрација.

По заминувањето од УЈП преминува на директорската позиција во Дирекцијата за заштита на лични податоци, каде се посветува на усогласување на националното законодавство со GDPR.

Во Еуростандард банка АД Скопје г-дин Трајковски доаѓа во 2019-та година на позицијата Претседател на Управниот одбор“-се вели во неговата биографија.