Коце Трајановски си тера кампања со детски парк чија ,,мајка“ е Скопје 2014

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски пред истекот на неговиот втор мандат, се чини ја започна кампањата за трет градоначалнички поход. Тој во време на голема политичка , но и економска криза, го промовираше проектот за изградба на Луна парк вреден шест и пол миликони евра, и веќе врши увид во градежните работи. На официјалната страница на град Скопје е поставено и видео како рекламен спот за изгледот на новиот детски парк, кој на многумина веќе им наликува на Скопје 2014:

Со новиот забавен парк ќе се изгради нова инфраструктура, придружни објекти и ќе бидат поставени нови забавни реквизити, а овој проект ќе се реализира фазно. Истиот ќе се простира на истата површина како постојаниот Луна Парк и за неговата изградба нема да се зема од зеленилото во Градскиот Парк-рече Трајановски пред два дена.

– Изминатиот период започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на нов забавен парк со што скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк. Забавниот парк ќе се гради на истата локација како стариот Луна Парк, истиот ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк. Изградбата на новиот забавен парк ќе се гради фазно, во повеќе години, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Во првата фаза е предвидена изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезно излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување, за што се издвоени около 101 милион денари. Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза ќе се постават седум реквизити и истите треба да пристигнат во рок од 6 месеци, за што се издвоени околу 130 милиони денари. Во првата фаза ќе се постават 1 адреналински, 2 полуадреналински, еден воз на шини и 3 детски реквизити– изјави Трајановски.

Тенденцијата да не се отстапи од елементи на т.н. барок-стил,промовиран преку облекувањето на старите згради во центарот на Скопје и секако истиот стил на новите објекти, се огледа и во детскиот парк. Наместо разиграна архитектура и симболи соодветни за тие што е наменета, децата од мали нозе ќе мора да влегуваат преку симбол кој потсетува на шеснаесеткракото сонце, како и  македонското знаме кое стана присвоен симбол на актуелните протести за поддршка на ВМРО ДПМНЕ. Ако се погледне внимателно шарениот дел во центарот на овие задебелени краци, ќе се препознае мотивот на движењето ,,За заедничка Македонија“. Потоа, децата до реквизитите ќе влегуваат преку капија-колонада со антички столбови.

На 15 мај истекува мандатот на актуелните градоначалници, нови локални избори не се закажани и токму во овој период Трајановски реши да објавува изградба на детски парк, кој инаку во изминатите години постојано беше дел од неговите кампањи.

АКО.мк