Коце Трајановски ќе ги испита наводите за лажната диплома на директорот Атанасов

Со оглед на одредени тврдења кои деновиве ги изнесоа одредени организации, во врска со веродостојноста и образованието на директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Александар Атанасов, Град Скопје посочените наводи ќе ги провери во соодветните државни институции.

Веднаш штом имаме одредени сознанија и одговори, за истите ќе ја информираме јавноста-се вели во соопштението од Град Скопје.

Вчера, синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитни друштва (СУТКОЗ) најави дека ќе поднесе кривична пријава против актуелниот директор на ,,Водовод и канализација“ Александар Атанасов кој на тоа место е примен со лажна диплома, а незаконски отпушта и деградира работници кои партиски не му одговараат.

Синдикатот ја оспорува  неговата диплома и бара градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски  да го разреши од функцијата генерален директор на јавното претпријатие.

Атанасов само врз основа на еден даден исказ избркал од работа 10 работници со долгогодишно искуство.

Човекот кој со лажна диплома станал директор на Јавно претпријатие во последните две години откако е на функцијата  деградирал повеќе од 700 работници и избришал голем број од работните позиции.

– Голем број кадри со високо образование се преместени на позиции каде што е потребно средно образование, а веќе не постои и позицијата контролор – велат од овој синдикат.

Од СУТКОЗ тврдат и дека Атанасов е избран на функцијата незаконски  без признаена странска диплома и бараат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да ја преиспита одлуката и да го разреши од функцијата на која тој е веќе две години.

– Неговата диплома за завршен колеџ во Грција не е призната, за што бил известен од Министерството за образование, но тој тоа не го посочил при поднесувањето документи на конкурсот за директор на Водовод. Дополнително сѐ уште не му е признато ниту средното образование кое го завршил во САД, што значи дека е избран на незаконски начин и сите одлуки кои ги носи се незаконски и невалидни, па и онаа каде што стави потпис на кредитот за изградба на зградата – обвинија од СУТКОЗ .