Кој е Еролд Муслиу и зошто им пречи на ДУИ именувањето за директор на Агенција за разузнавање?

,,ДУИ е политичка партија, Бујар Османи е вицепремиер, не знам која функција ја има во политичката партија, не знам каква изјава дал, не знам кој е ставот на политичката партија ДУИ, но колку што знам тие се заедно во влада со СДСМ, значи го поддржаа претседателот Стево Пендаровски, а јас сум именуван од претседателот Пендаровски“, изјави новиот директор на Агенција за разузнавање по реакцијата на вицепремиерот Бујар Османи дека ДУИ е силно вознемирена од неговото назначување на оваа функција.

Вицепремиерот Бујар Османи во врска со назначувањето на Еролд Муслиу на чело на Агенцијата за разузнавање за Алсат М изјави:

-Вчерашната одлука на претседателот не вознемири сите. Мислиме дека тоа беше одлука донесена од недостаток на информации, рече Османи и побара Претседателот да ја преиспита оваа одлука.

Османи додаде дека сѐ додека не се расчисти во целост случајот ,,Диво насеље“, опфатените лица не можат да заземат клучни позиции во институциите.

Од друга страна пак, премиерот Заев рече дека не се меша во одлуките на Претседателот Пендаровски.

Од биографијата на новоназначениот директор на Агенција за разузнавање се гледа дека тој целата своја кариера ја градел во безбедносните служби.

Еролд Муслиу е роден 1969 година во Кичево. Дипломирал криминалистика на Факултетот за безбедност во Скопје.

Од 1993-1998 година работи во МВР, во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (денешна УБК) каде бил ангажиран на теренски активности од областа на контраразузнавањето како самостоен инспектор.

Започнал да работи во Агенцијата за разунавање во 1998 година, на теренски активности од областа на разузнавање на меѓународниот тероризам како виш и главен инспектор.

Од 2000 до 2007 година, Муслиу работи во рамки на Дирекцијата за оперативни работи на АР, ангажиран на теренски активности како помошник на директорот на Дирекцијата.

Од 2007 до 2012 во рамки на Агенција за разузнавање, Муслиу раководи со Дирекцијата за разузнавање на меѓународниот тероризам и организиран криминал.

Во 2012 година е прераспореден на позицијата советник на директорот на АР за меѓународна оперативна соработка.

Од 2015 до денес, Муслиу работи како помошник на директорот на АР задолжен за координација на оперативните работи на Агенцијата.

За време на неговата работа во Агенцијата, Муслиу раководел со меѓународната оперативна соработка со партнерски служби во рамки на која активно учествувал и раководел со разузнавачки операции од регионален и меѓународен карактер.

ПО неговото именување, од Кабинетот на Претседателот соопштија дека пред да биде назначен, биле известени службите за разузнавање на земјите членки на НАТО и на пријателските земји, и сите дале позитивно мислење за досегашната работа и соработка со Еролд Муслиу.

Засега, може да се види дека ДУИ има проблем со случувањата во Диво насеље, кога дојде до вооружен судир меѓу терористичка група од Косово, кога загинаа 8 македонски полицајци и 12 терористи.

Остана неразјаснета улогата на ДУИ во оваа еднодневна крвава војна, како и на владата на Груевски во која тие тогаш беа партиципиенти.

Фото: Алсат М