Кој се обидува да ги расцепка десно-ориентираните опозиционери

,,Секој погрешен чекор, судир на суети, изнасилени калкулации, писма со кои се бара цепкање на централно-десничарскиот блок и формирање друг блок, може да ја доведе во прашање победата и гласачката волја на мнозинството опозиционо ориентирани граѓани” – се вели во соопштението ан ФРОДЕМ со кое се повикува на единство на десно-ориентираниот опозициски политички блок.

Честитајќи им го Денот на македонската револуционерна движењето ФРОДЕМ повикува на обединување против актуелната власт.

,,ФРОДЕМ им го честита на граѓаните 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба. Револуционерната борба денес се води преку борбата за демократија, за слободи и права, за животен стандард, за меѓусебно разбирање, спокојство и заедничка среќа. По овој повод ФРОДЕМ потсетува дека успешна, современа држава е онаа во која секој граѓанин си го наоѓа своето место и се вградува во нејзиниот напредок. Но, заедничкиот живот подразбира права, а не само обврски. Човекови, економски и социјални права. Државата не смее на едни да им е мајка, а на другите маќеа. Државата секогаш е една, а политичките погледи се различни. Затоа, да бидеме единствени, а различни. Да бидеме демократи. Како луѓе, пред се, но и внатрепартиски и меѓупартиски. Само такви може да успееме. Само така може да имаме држава од која наместо да се бега, секој ќе сака да остане и да живее пристоен живот под македонското сонце.

Македонија тешко се избори за својата државност. Многумина го дадоа својот живот за слободата. Духот на револуционерната борба беше да бидеме свои на своето, а историските и социјалните правдини да победат. И победивме. Но победите не се вечни, и историскиот од не е секогаш праволиниски, и само напред. Нашата историја познава многу застои, празни одови, назадувања и непотребни крвави пресметки.

Сега сме заглавени во клучен период на застој и назадување. Лошото раководење со државата доведе до масовно иселување, низок стандард, сиромаштија, масовна повреда на правата, голем криминал и брутална пресметка со неистомислениците. Се создаде режим. На сите совршено ни е јасно е каде треба да се бара одговорноста. Но, не треба да заборавиме дека во дозволувањето да се појави режимот учествувавме сите ние останатите. Со нашата пасивност, расцепканост и неорганизираност, и со лошата навика партизираната држава да ни ги решава сите животни прашања.

Исто така, совршено е јасно дека во секое современо општесто одговорноста на опозицијата е огромна. Повеќегодишниот неуспех на парламентарната опозиција да спречи создавање режим е многу опасно за една млада демократска држава. Режимот со својата ригидност и пресметки насекаде создаде опозиција. За жал, таа расцепкана опозиција, од левицата, и од десницата, иако имаше повеќе гласови на изборите, не доведе до пад на режимот. И покрај нерегуларноста на избори опозицијата повторно вкупно имаше повеќе гласови и пак не успеваше да го победи режимот. Расцепканоста го одржуваше режимот. Парламентарната опозиција доживуваше серија неуспеси, и индивидуално и во координирањето со опозициските сили, за пад на режимот.

Затоа во пресрет на парламентарни избори закажани за 11 декември треба да се извлечат конкретни поуки. Времето е кратко. Поправен испит нема. Јасни се аналитичките показателите каков треба да е патот до победата и падот на режимот наспроти повредената суета на одредени партиски лидери и нивните индивидуални егоистички математики. Одговорноста е огромна како кај централно-десничарскиот блок така и кај најголемиот опозиционен блок предводен од СДСМ. Затоа, природно е заедничката антирежимска борба, но уште поприродно е секој блок да се обрати до своето гласачко тело, како нашиот центално-десничарски, така и левичарскиот блок. Волјата и определеноста на опозиционите центро-десничарски гласачи е сосема јасна.

Затоа, секој погрешен чекор, судир на суети, изнасилени калкулации, писма со кој се бара цепкање на централно-десничарскиот блок и формирање друг блок, може да ја доведе во прашање победата и гласачката волја на мнозинството опозиционо ориентирани граѓани” – се вели во сооптението.