Крива Паланка: Високи сметки за вода-богата директорска трпеза

Како што се вжештува политичката атмосфера во државата, така зоврива и препукувањето меѓу советниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ во општина Крива Паланка. На последната седница видлива беше нетрпеливоста меѓу опозицијата и власта кога започна разгледувањето на иницијативата на советничката група на социлајдемократите за поевтинување на водата за пиење за десет денари. Советникот на СДСМ во овој град Борјанчо Мицевски на седницата истакна дека во вакви тешки услови за живот кривопаланчани не заслужуваат да плаќаат толкава цена на водата за пиење, а за возврат на тоа средствата да се трошат недомаќински и ненаменски.

Ова го поткрепува со фактот што директорот на ЈП Комуналец за 2016 година потрошил на репрезентација околу 800.000 денари,или тоа се околу 2500 денари на ден, се даваат пари за семиња за цвеќе, и тоа околу  1.000.000 денари, се фрлаат за патни и дневни трошоци, а глава боли од сумите потрошени на луксузните патувања во Германија, Австрија, Франција и слично од кои нема никаков конкретен резултат. За плати придонеси,времени вработувања и регреси за годишен одмор од касата на претпријатието се одлеваат околу 35.000.000 денари, а за жал  за тековни потреби на фирмата се издвојуваат само околу 5.000.000 денари.

-„Тоа е навистина под сите минимуми ако знаеме дека во надлежност на ова ЈП се: водоснабдување, одржување на јавна чистота, погребални услуги, градски пазар, градски базен, одржување на спортски објекти, канализација, зимско одржување. Сегашната цена е една од највисоките во Македонија, а сметките за вода во некои домаќинства се поголеми и од сметките за електрична енергија“,вели Мицевски.

Според него, возилата на комуналното претпријатие минатата година потрошиле дури 60 илјади евра за гориво, 4.800 евра за набавка на индустриска сол за зимско одржување на улиците а за пијалоци, храна и средства за хигиена се потрошиле 3.455 евра. Неодговорноста, неспособноста и недомаќинското работење на првите луѓе на градот и директорот на Јавното комунално претпријатие Томе Тодоровски испливале на површина кога во јануари неколку села по високите навеви од снег биле отсечени од цивилизација и немале можност да добијат храна и соодветна грижа, сметот не се собираше речиси месец и половина, а половина град остана без вода за пиење.

Недомаќинското работење се должи и на тоа што директорот на ова ЈП Комуналец отпишува сметки на правни субјекти без ничија согласност, а со пари на граѓаните купува пегли и фенови за коса.

– „Енормно високите сметки за комунални услуги се резултат на воведувањето на повисоки цени од страна на ВМРО ДПМНЕ, при што се воведе комунална такса за одржување на јавни површини од 60 денари за физички и 120 денари за правни лица, губрарината поскапе од 140 на 230 денари, а водата за пиење од 16 на 24 денари по метар кубен. Ако на ова се додаде фонд за канализации, фонд за води, ДДВ, тогаш една просечна сметка излегува дека е 1200 денари, што навистина е премногу,смета тој. Во врска за поднесената иницијатива од страна на советничката група на СДСМ и коалицијата за намалување на цената на водата по метар кубен за физичките и правните лица корисници на услугите, одговорот на јавното претпријатие е дека нема простор за намалување на цената на водата.

Од СДСМ посочуваат дека кривопаланчани се крајно револтирани од ваквиот однос на комуналното претпријатие и дека на претстојните локални избори казната за ВМРО ДПМНЕ ќе биде уште поголема и од парламентарните избори кои завршија во декември со што ќе му стават точка на недомаќинското владеење на ВМРО ДПМНЕ и нивните неспособни и неодговорни партиски послушници.

АКО.мк