Кривичен суд ја брани судијката која го ослободи Латас во предметот ,,Тревник“

Во однос на вчерашната изјава на Јавниот обвинител на РСМ, Кривичниот суд – Скопје укажува  на обвинителството наместо редовно и неосновано да го напаѓа судот и судиите после секоја судска одлука од која не се задоволни, да си погледне во сопствениот „двор“.

,,Судот и судиите работат согласно Законските одредби, го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата, Уставно загарантираните права и слободи и одлучуваат врз основа на доказите и аргументите, а не врз основа на лични желби на странките во постапката, а секоја првостепена одлука на Кривичниот суд се преиспитува од повисоките судски инстанци, по изјавена жалба од незадоволната страна.

Како суд бараме во иднина обвинителството да се однесува со повеќе почит кон судиите и судиската функција, нивните коментари и изјави да се во рамки единствено  на нивните надлежности, а не на паушални обвинувања“- се вели во денешната реакција на Кривичен суд.

Вчера Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, ја критикуваше судијката која донесе ослободителна пресуда за Латас и браќата:

,,Видовте што стана со последната одлука во делот на противзаконско градење, како судијата ја толкува таа одредба и мислам дека на такви судии не им е место во правосудството“-коментираше јавниот обвинител Љубомир Јовески на прашање на новинар.

Судскиот совет ќе треба во соодветна постапка да ја испита одлуката на судијата, рече Јовески.

Тој рече дека после одлуката за Латас ја испитал судскта пракса и никаде во законот не се бара нешто од тоа што стои во одлуката на судијката, туку е доволно само некој да почне бесправна градба, рече обвинителот.

Судијката Марија Клетничка Марковска пресуди дека Драган Павловиќ – Латас нема вина во случајот на СЈО, „Тревник“. Судот ги ослободи него и неговите браќа Срѓан и Звездан од обвинението на тимот на Катица Јанева дека граделе викенд куќи во скопско Зелениково без дозвола за градба.

Судот констатираше дека пропустот за градењето без дозвола бил кај институциите кои не делувале на време и не ги стопирале градежните работи кои стартувале во 2011 година. Во образложението на ослободителната пресуда судот посочи дека во 2013 година браќата Павловиќ добиле одобрение да градат и платиле комуналии.