Кризна состојба на границите до јуни 2017-та

Заради реално постоење на опасност од зголемен обем и преминување на нашите граници од мигранти пратениците ја продолжија кризната состојба на границите до јуни 2017-та година. Ова беше неминовно, рекоа од ВМРО ДПМНЕ заради претстојните предвремени парламентарни избори во декември, а со оглед на тоа што законодавниот дом наскоро ќе се распушти, мораше навреме да се реагира.

Против оваа одлука се изјасни пратеничката група на ДУИ, која според координаторот Талат Џафери, нивната проценка е дека иако најверојатно до 10 јануари нема да имаме парламентарен состав, Владата има можност да ја смени одлуката и да го продолжи кризниот период доколку има потреба за тоа.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-­ДПМНЕ Илија Димовски рече дека се повеќе се проблематизира прашањето на мигрантите и оти не се знае колку ќе опстане договорот меѓу Турција и ЕУ.

– Влегуваме во изборен процес, и не знаеме колку долго ќе бидеме без Собранието. На овој начин ја обезбедуваме стабилноста на државата и безбедноста на јужната работа. Мораме да потенцираме дека ризиците што постојат се многу поголеми од она со што полицијата ќе може да се справи и ова ќе значи и вклучување на армијата, рече Димовски.

Првпат кризна состојба беше прогласена лани во август, а оттогаш на границата патролира Армијата.