16 јули 2012 година е денот кога почнаа да се градат четирите облакодери на Џевахир Холдинг во скопската општина Аеродром, ,,Џевахир скај сити“.

Отогаш траат цврстите врски на семејството Иванови со едно од најбогатите турски семејства Џевахир.

Благосолов на темелите на стартот на изградбата на четирите највисоки згради во Македонија, дадоа двајцата највисоки државни раководители , тогашниот премиер Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов.

Прв од лево Ибрахим Џевахир, основач на Џефахир Холдин, Груевски и Иванов
фото мкд.мк

Оваа фотографија, но и сите подоцнежни средби со првите луѓе на една од најбогатите компании во Турција , овде и во Република Турција, може да дадат одговор , во најмала рака, за невообичаената одлука на претседателот во заминување Ѓорге Иванов, своите канцеларии за кабинетот по мандатот, да ги смести во една од висококатниците на Џевахир Холдинг.

Фотографија на денот на поставување на темелите

Но, тоа е само навидум невообичаено.

На поставувањето на камен-темелникот во 2012 присуствуваа претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на компанијата Ибрахим Џевахир, министри, градоначалници, турскиот амбасадор во земјава.

Ибрахим Џевахир тогаш истакна дека проектот ќе биде реализиран за 36 месеци, а посочи дека главен „виновник“ за него е премиерот Никола Груевски, кој му ги презентирал можностите за инвестирање и го убедил да се реализира оваа инвестиција.

„Токму вие, премиере Груевски, сте главниот човек што успеа да ја донесе инвестицијата во Македонија, бидејќи кога помислив да дојдам да инвестирам, имав некои двоумења, но при секоја средба со Вас мојата верба се зголемуваше“, истакна сопственикот и еден од најбогатите луѓе во Турција Ибрахим Џевахир.

Подоцна, Иванов често одеше во Турција, што предизвикуваше збунетост во македонската јавност и прашања заради што се неговите чести посети, средби и силни врски со Ердоган, но и со повеќе видни турски личности.

,, Негување добри односи со инвесторите и заложби за развој на економијата“. Ова се основните причини поради кои, претседателот Иванов и градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски, беа на свадба во Истанбул, кај член на семејството Џевахир, известија турските медиуми во 2012 година.

За присуството на шефот на државата на приватна веселба кај странски инвестор во Македонија, од кабинетот на Иванов изјавија: – „Претседателот има редовни средби со голем број инвеститори кои работат во државата како странски така и домашни. Тој ќе продолжи да дава максимални заложби за развој на економијата. Како и другите гости на Претседателот му беше чест што беше поканет“.

Но, Иванови не беа само обични гости на свадбата на еден од наследниците на богатството на Ибрахим Џевахир, туку тој беше и кум.


Ѓорге Иванов како кум на свадбата на Есер Џевахир во Истанбул

Медиумите известија дека Иванов им подарил резбан сувенир.

Понатаму, посебна делегација на МАТТО, македонска-турска бизнис комора, во која беше претставник и на Џевахир Холдинг, во 2014 година отидоа во претседателската вила на Водно да му го честитаат на Иванов вториот мандат.

Претставници на МАТТО, меѓу нив и од Џевахир Холдинг му го честитаа вториот мандат на Иванов

На 26 септември 2015 годин, Ѓорге Иванов оствари уште една средба со Реџеп Таип Ердоган, но како што стои во претседателското соопштение, ,,повод за посетата на претседателот Иванов на Истанбул е присуството на погребната церемонија на г. Ибрахим Џевахир, турски бизнисмен и сопственик на компанијата „Џевахир Холдинг”, голем пријател на Република Македонија и инвеститор во нашата држава“.

Сега, 4 години подоцна, и по 10 години поминати во вилата на Водно, Ѓорге Иванов заминува во политичка пензија како поранешен претседател со привилегии до крајот на својот живот.

Тој ќе има пензија во висина на претседателската плата, околу 90.000 денари, кабинет, возач, автомобил, телохранители три службеници во кабинетот.

Годишниот буџет за потребите на Иванов е 105.000 евра.

Ѓорге Иванов реши да закупи два стана во една од кулите на Џевахир Холдинг, и тоа на 22 и 38 кат. Месечната кирија за овие два стана ќе изнесува 2.000 евра.

ако.мк