Куновска: ,, Мојата оставка е неотповиклива!”

,,Мојата оставка е неотповиклива”- изјави за Актуелно Софија Куновска одговарајќи на нашето прашање дали во меѓувреме разговарале со Зоран Заев за нејзината одлука да даде оставка на местото Претседател на градската организација на СДСМ.

,,Не знам кој ја правел проценката, но за мене е неприфатлива одлуката Лилјана Поповска да се најде на пратеничката листа на СДСМ како коалициски партнер. Кој и да ја правел, проценката е погрешна”-ни изјави Куновска.

Таа вели дека и понатаму ќе работи на уривање на режимот како обичен член на СДСМ и како граѓанин.

Софија Куновска поднесе оставка на конгресот на СДСМ, на кој се одлучуваше за персоналниот состав на кандидатските листи за пратеници. Таа се спротистави Лилјана Поповска од ДОМ , која десет години беше во коалиција како пратеник со ВМРО ДПМНЕ, да биде на пратеничка листа со добитна комбинација.

Лилјана Поповска ги подржуваше политиките на ВМРО ДПМНЕ, меѓу другото и исфрлањето на пратениците од СДСМ на 24 декември 2012 година.

Софија Куновска последните две години беше пратеник во Парламент и имаше низа впечатливи и жестоки говори и обраќања од говорницата.