Лажната хуманитарна фондација ,,Допир“ е сѐ уште активна и собира донации за непостоечки случаи преку активни портали и профили

И покрај злоупотребата и кривичната пријава поднесена од МВР, лажната хуманитарна фондација ,,Допир“ , сѐ уште е активна на повеќе интернет платформи, преку неколку активни сајтови, но и лажни профили и други интернет алатки.

Без многу напор, на интернет може да се најдат нивните повици за донации на повеќе портали.

Некои од нив:

tocka.mk

На овој портал има цела страница со повик да се донира за болни деца, притоа очигледна е злоупотребата на фотографии на деца, кои веројатно се симнати од интернет и не припаѓаат на деца од Македонија, иако во повикот за донација се наведени и имања и вид на болест на детето.

Пропагандниот текст на овој сајт е објавен лани во септември.

На наменската интернет страница на оваа наводна хуманитарна организација со домен dopir.eu.org, има активен повик за собирање донации, разработен систем, а назнаката ЕУ во адресата е веројатно за да изгледа посериозна целата измама.

На оваа интернет страница дури се објавени и имиња од донатори и донираната сума пари.

Измамниците од ,,Допир“ успеале да ги измамамат речиси сите сајтови низ Македонија, па и на сериозни може да најдете објави за нивната ,,хумана“ мисија, собрани пари и повик да се донира за осум, пет или едно дете, болни од разни болести, според фондацијата.

Интересно е што развиле и бизнис со онлајн продажба на маички, наводно во хуманитарни цели.

Оваа акција е сѐ уште активна на порталот topinsurance365.com/, цената на маичките е од 900 до 1.500 денари. Ако купите маичка доделуваат и благодарница!

,,Благодарница“ од ,,Допир“

За оваа намена е изработен и спот.

Сѐ уште е активна и ФБ страницата на ,,Допир“, а таму кже да сретнете повици за донации, но на пример и објава со сликана инвалидска количка , како што пишуваат , во циклама боја. Количката е побарана од фондацијата, наводно за женско лице, и како што велат во објавата, донаторот им донирал речиси нова инвалидска количка во циклама боја.

МВР денеска објави дека се поднесени кривични пријави за две лица, за измама на над 50.000 евра донирани пари.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против  М.Ш. (53) и А.Ш. (49) поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – “компјутерска измама“ по чл.251-б од КЗ на РСМ.

Имено, пријавените со цел да се стекнат со противправна имотна корист формирале Фондација “Допир“ и креирале веб страна https://bidihumansega.mk/ која активно работела на собирање средства за помош на деца со посебни потреби и ретки болести.

Од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, утврдено е дека регистрант на веб страната https://bidihumansega.mk/ е лицето М.Ш., кој и воедно е претседател на Фондацијата. 

Никаде не може да се најдат имиња на основачите на фондацијата, нивни фотографии или евентуално изјави.

Луѓето кои донирале едноставно верувале дека на никого нема да му текне да измислува болести, деца, да користи лажни фотографии, имиња, профили и интернет страници.

Обвинителство ги замрзна сметките на лажната хуманитарна организација ,,Допир“.

Пишува: Емилија Лазаревска, АКО.мк