Лазаров: Отворањето на читалната ,,Славко Јаневски“ беше отпор!

Беше едно време-невреме, мракобесие. Го измарширавме со ,,шарени прошетки“. Уште сме сведоци на остатоците од тоа време, немаме време да се зафатиме со расчистувањето на поганштилаците од портокаловиот мрак.

Во тоа време, на чело на мојата општина (Центар) беше човек што, опирајќи му се на портокаловиот примитивизам, среде град отвори читалиште: институција што, раката на срце, сите ја бевме заборавиле одамна, одамна. Читалиштето доби име: Славко Јаневски, великанот на македонската основоположничка епоха, кој пред тоа, од портокаловите јуришници беше лустриран. А мртов. Мртов лустриран! Врв на мортокаловото мракобесие. Отворањето на читалиштето со такво име во тоа време не беше ништо друго туку отпор.


​Следејќи го овој пример, наскоро се отвори ново читалиште со името на еден друг великан од македонската основоположничка епоха – Ацо Шопов. Уште еднаш: отпор.

Подзаживеа, кај сите нас сетики, дека се обновува една традиција, еден цивилизациски благодет. Лани се формира фондација Славко Јаневски и читалиштето со неговото име и беше пријатно сврталиште, таму се одржуваа културни средби. Поверувавме дека ќе се отворат и нови читалишта, дека ќе се смогне сите да се доопремат со бесплатен компјутерски пристап до адресите на кои се позајмуваат електронски изданија на книгите, кога, оп! – нема веќе! А ден пред тоа излегоа статистички податоци дека по читањето на книги сме на дното, на дното!


​Само претпоставувам дека се во прашање, баш тие расходи им стежнале. Не ни кажаа дали побарале спонзори (книжниот фонд е главно спонзориран), дали некој ги одби од издавачите на книги и весници… Некој објави дека се работи за две илјади евра месечно. И баш тие ги немало!?


​По лустрацијата на Славко Јаневски напишав песна за портокаловиот мрак. На свеченото отворање на читалиштето ,,Славко Јаневски” се читаше таа песна. Сега ја преобјавувам, по сугестија на мојот близок пријател и содружник, кој исто така се огласи по овој повод.
​Како противење на тоа некој и укинувањата на читалиштата да ги стави во вреќата на амнестиите и помирувањата.

Ристо Лазаров

ПОРТОКАЛОВ МРАК

​На гробот на Славко Јаневски
​на 29 јуни 2013-та

Знам
дека не се обѕираш
на гракањата на гарваните
и наминав да помуабетиме
во идно време.
Ти донесов, се разбира,
и некоја китка
според чиешто латинско име
ти сигурно ја знаеш
оти сите знаат дека ги знаеш
имињата на сите билки
и на болките што се ицедуваат
од секоја од нив.
Ако не заврне,
а во татковината во последно време
се истураат разни дождови,
порои, поплави,
ако не заврне, де,
можеби ќе имаме време
и за по една лута
а во себе ќе ја викнеме
и најубавата песна за Јана
онаа Јано мори, севдалино
– ти за ќерка ти, јас за внука ми,
Но и за сите наши Јани
што допрва ќе се родат
За да не замре старата песна
– та песните се да зреат
од колено на колено.

Гледам,
сношти биле тука
некои неканети
со црни ризи и лажни фенери
(од кори од скапани лубеници)
со суви глуждови и со празни черепи
– да ти ги гребат мртвите коски
да ти ја растревожат постелата
да ти ја оцрнат покривката.
Не знаат црнодушите
какви и колкави убоди од комарци
си истрпел на живо
и пак не ти молкнале
и извиците и лелекањата
оти никој поарно од тебе
во животецот не ја знаеше
убавината на болот.
Гледам, црнодушите
одоколу правеле заслони
на јасна месечина да не им се видат
клуновите, канџите
и бесниот павтеж на црните крилја.
Не знаеја кутрите,
ја засолнати, ја на ачик истопорени
дека со клун камен не се крши
и со најбесен павтеж планина не се урива,
ниту над планината се досегаат
балоните (облаците) со собрани соништа.

Гледам,
од себе кон себе си врвиш
и презирно им одмавнуваш
на душеболните, празноглавите
поганџии на Кукулино
и ѓоа заштитници на Свети Адонис.
Ќори заштитници
кои не можат или не сакаат да видат
дека крадците се се’ уште побрзи од огнот
на приоблечениот позлатен Прометеј
златното теле на нашиот нов бог
и дека облакот спасител
никогаш не доаѓа според возниот ред
ама кога-тогаш ќе дојде
и ќе им дојде на црвјосаните до акот
ќе им ги дупне мешунките
во кои се туткаат лажните проповедници
ќе ги запре плениците
на разни коњи, волови и шмизли
и понатаму да ги гмечат зборовите.
Облакот спасител
не живее само во песните
иако знае и за Кундера, и за Гинтер Грас,
тадури и за Борхес
кои баш сега на врв облак
фатени онака машки, преку рамо,
се мачат да ги фатат првите тактови на Тешкото.

Знам,
многу време пред наездата на душоболните
самиот прорече: Ќе се покриеме со портокалов мрак.
Друга боја има ли мракот?
Друга боја има ли крвта?
Друга боја имаат ли мртвите коски?
На кои бојаџии
да им објаснува човек
дека Бог првин секому ќе му даде
според потребите и секому според залугите
па потем на сите ќе им ги преврти џеповите.

Не знам,
Бог ли беше тој што постави тешко прашање
– би се родил ли повторно во оваа татковина
и би живеел ли повторно тука?
Навистина не знам,
кој праша:
дал Авел, дал Каин денес е прероден во наш брат,
и дали некој со нов опит ќе му одговори:
ќе биде ли ова вечна Каинавелија
и ќе има ли самракот боја
на мртов јужен плод?