Драган Павловиќ Латас и браќата Звездан и Срѓан Павловиќ, се ослободуваат од обвинение бидејќи судечкиот совет утврди дека делото според обвинението не е кривично дело, беше речено на денешното рочиште за случајот ,,Тревник“ кој го води СЈО.

Се товарат дека од јули 2012 до јануари 2013 граделе викенд куќа за времено сместување од втора категорија во Зелениково без одобрение за градење на нивно земјиште.

Латас во 2011 година без одобрение за градење започнал да гради објект во Гумења во Зелениково, а во 2012 година поднел барање за издавање одобрение за градење, со прикривање на фактот дека градбата на куќата е веќе започнато.

Објектот е со вкупна површина од 317 метри квадрати.

Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ се товарат за истото дело.

Запретената кривична санкција е од 3 до осум години и облигаторно е непријавените нелегални недвижности да се одземат.

Но, одлука на кривичниот совет е дека тројцата не сториле кривично дело и се ослободуваат од вина.

СЈО на претходното рочиште тврдеше дека обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ ги извршиле кривичните дела за кои се обвинуваат со умисла, бидејќи биле свесни дека ги градат куќите во Зелениково без одобренија за градење, биле свесни за забранетоста на таквите дејствија и дури биле свесни дека куќите можат да им бидат урнати затоа што ги граделе бесправно, но сепак продолжиле со градење на истите, рече обвинителката Елизабета Јосифовска во завршните зборови за случајот „Тревник“.

„Свесно, во барањата за одобренија за градење кои ги поднеле до општина Зелениково на 12.12.2012 година го прикриле фактот дека куќите, за кои барале одобренија за градење, се веќе изградени. Формално правно добиле одобренија за градење на нови објекти, според кои требало да започнат со градба на објектите во рок од две години по правосилноста на издадените одобренија за градење. Според изведените докази, во времето на издавањето на овие одобренија, 24.01.2013 година, куќите биле веќе изградени“, рече Јосифовска.