,,Ла Верита“ објави нова аудио снимка во која за првпат се спомнува името на премиерот Заев

Италијанскиот десничарски весник ,,Ла Верита“ , објави ново продолжение од аудио снимките , најверојатно направени од Орце Камчев во неговиот дом и за време на неговите телефонски разговори со Бојан Јовановски.

На оваа снимка Јовановски и Камчев разговараат околу процедурата за ослободување од притвор, но и за водењето на постапката за предметот ,,Империја“ од страна на СЈО.

Како што се слуша од презентираниот аудио материјал, Камчев лично ѝ се обраќа на обвинителката Катица Јанева, која со посредство на Боки 13, кој најверојатно седи покрај неа, му објаснува зошто се повикани на распит некои од осомничените лица.

Камчев реагира на тоа , а Јовановски ѝ вели на Јанева дека тој(Орце) се плаши од Лиле (Стеафанова).

Камчев реагира бурно и возвраќа дека не се плаши, а Јанева се вклучува во разговорот и вели дека е многу зафатена, па затоа сега Стефанова е поангажирана околу ова, но Лиле не може ништо без мене, вели Јанева.

Понатаму во разговорот Јовановски му вели на Камчев дека ќе се види со Заев и дека ова само нему (на Камчев) му го кажува.

Обвинителката Катица Јанева, вчера призна дека гласот на снимките е нејзин, но дека тоа било во функција на истрагата бидејќи, како што напиша во соопштението, нормално било да комуницира со обвинетите :

,,Како  Специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на инфорамции како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно.

Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“-напиша вчера Јанева.

Инаку, италијанскиот весник ,,Ла Верита“, во последниот број пишува дека аферата што ја објавува ќе доведе до пад на ,,марионетската влада во Македонија поставена од Могерини и ЕУ“.