Левица се раздружи

Политичката партија Левица која произлезе од движењето Ленка во текот на Шарена револуција, три дена пред гласањето на парламентарните избори доби фракција која ќе се нарекува ,,Единство” .

Дел од основачите и членството предводени од Маријан Ненов и Маријан Ристески рекоа дека Димитар Апасиев кој е носител на листа во ИЕ 1 ја присвоил партијата и излегол од рамките на демократските основи врз кои била создадена Левица.

„Во изминатата година Левица покажа храброст, знаење, желба за промени, но не и политичка зрелост и мудрост. Не беше донесен стратешки план, туку беа исполнувани желбите на одредени лидери. За да се оствари тоа беше прекршен статутот на партијата и беа употребени лаги и манипулации со членството. Беа искажани закани за бркање од партијата и дисциплински постапки. Ние не ја формиравме Левица за да формираме нови диктатори, туку за да формираме нови лидери“, изјави Маријан Ненов, еден од основачите на Левица.

Левица влезе во кампања со најмал, речиси симболичен буџет од околу 150 илјади денари, донации од членството и кампањата ја водат само со директни средби со гласачите.

Но, од почеток се појавија недоразбирања, а дел од членството се жалеше на ФБ дека Апасиев им се заканува со бркање и други драстични мерки заради различни ставови.

Фракционерите ги отфрлија како лага информациите што Левица  ги  соопшти дека Основниот суд Скопје 2 го одбил барањето за донесување на времена мерка за забрана на партијата Левица да учествува на предвремените парламентарни избори и со тоа потврдил дека одлуката за самостоен настап е легитимна.

Марјан Ристески , кој е познат од активности во Синдикатот на машиновозачи и многубројни штрајкови, рече дека тие не работеле изминатиот период за да создадат диктатори , туку вистински политички лидери кои ќе понудат решенија за проблем на сиромашните и обесправените.