Лидерите не постигнаа договор, освен за тоа дека Македонија и Албанија ќе мора да почекаат

Лидерите на ЕУ изминатата ноќ имале напната расправа за двете мали балкански нации, но на крајот не беа во можност да постигнат договор дури и за изјава која нуди охрабрување и одложување на формалната одлука, пишува порталот politico.eu .

Францускиот претседател Емануел Макрон остро се спротивставил на продолжувањето на преговорите за членство и на крајот преовладал над другите лидери, вклучувајќи го и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и германската канцеларка Ангела Меркел, кои беа на страната на двете балкански држави.

Според Политико, премиерот на Холандија, Марк Руте, го поддржал потенцијалниот компромис што би дозволил да започнат разговори со Северна Македонија, оставајќи ја Албанија да чека, но на крајот, лидерите исто така не можеле да се договорат за одвојување на двете држави од пакетот пристапни преговори.

.
Лидерите на ЕУ ги намалија изгледите за преговори што беше поттик за Северна Македонија да го реши долготрајниот спор со Грција, минатата година, но на крајот тие надежи засега се исцрпени, оставајќи ги властите во Скопје лути и длабоко разочарани, пишува Политико.

Откако министрите на ЕУ се обидоа и не успеаја да постигнат договор за прашањето за проширување на состанокот на Советот за општи работи претходно оваа недела, Туск го постави прашањето на агендата за самитот на лидерите, со надеж дека ќе изврши притисок врз Макрон.

Франција ги наведе процедуралните причини за блокирање на двете држави, тврдејќи дека целиот систем на пристапување во ЕУ има потреба од ремонт. Но, Париз, исто така, стави јасно до знаење дека Северна Македонија и Албанија, сепак не се подготвени да започнат со процесот на членство во ЕУ.

Поддржувачите на започнување на преговорите внатре во Унијата, тврдат дека и двете земји ги исполниле критериумите поставени од ЕУ и дека кредибилитетот на блокот ќе биде оштетен, затоа што не успева да ги исполни своите ветувања.

Дискусијата за проширување на ЕУ се случи на крајот на првиот ден од самитот на лидерите на Европскиот совет, на кој ЕУ постигна нов договор за повлекување на Велика Британија од блокот.

Финскиот премиер Анти Рине, по првиот ден од самитот, за медиумите кусо порача дека се надева дека лидерите ќе се навратат на прашањето во текот на денешниот ден, но за тоа не може да гарантира.