Ловци на скандали: Седма уметност, како дополнителна можност или алатка за дополнително затупување на јавноста!?

Пишува: Веле Митаноски

Колегата Бранко Героски, изминативе десетина дена, се најде во центарот на вниманието, каде самиот си се постави, со серијата прилози на заедничка тема: ,,Кики и Фрики!”. За да биде тужен (барање на премиерот), денеска треба да ги обелодени имињата.Така, самиот вети.

Немам никакви дополнителни информации, за тоа, зошто токму сега и зошто токму на овој начин? Но, за жал или за среќа, имам доста километри поминати – во животот и професијата, самиот сум минувал низ сито и решето и знам едно: -Нема ништо случајно, на овој свет, а уште помалку во жална Македонија, во нејзиниот со децении – јадовен политички дискурс.

Самиот Геро, како што вели, секојдневно излегува со ,,детали плус!”. Тоа го прават и останатите медиуми.Се разбира, никогаш не е доцна за да се остави првиот впечаток, но сето ова помалку е пост-фестум. Секоја чест за напорот, но, ова може да се смести во некакво откривачко новинарство, но не сум сигурен дека е истражувачко!

Ако сакам да бидам построг (пообјективен, а ова не се однесува само на Геро), би требало да напишам дека, всушност, станува збор за ловци на скандали, затоа што нашиот печат (овде ќе го цитирам Карлос Луис Зафон), станува граблива птица што цвета на невољата и бесрамноста, за спектаклот да биде опишан како дантеовски и морничав.

Не дека реалноста е поинаква, но нашата седма уметност, е само дополнителна можност, или алатка за дополнително затупување на јавноста. На времето кинематографот настанал како изум за забава на неписмената маса (постарите се сеќаваат на журналите-предигри на играните филмови!), но еве и денес, му се фрла на плебсот коска да ја глода.

Што е ново? Ништо, освен новите фаци. Ја нема Катица, но затоа Вилма, претрчува од студио во студио, се сели од портал на портал, за да стигне до Стадионот на Канал 77 и таму,пак, и пак – ЧОМ!!!???

,,Човекот, како добар мајмун, е општествено животно и го одликуваат секташењето, непотизмот, арамилакот и озборувањето како внатрешна норма на етичко однесување.Тоа е чиста биологија!” (повторно Карлос Луис Зафон).

Истражувачкото новиарство, барем јас, го доживувам како превентива, како будност, како претходна контрола на забеганоста на оние кои треба да му бидат слуги на својот народ, а не се тоа. Секоја чест за напорот на колегите,ама, сепак,чуму сето ова сега, а не пред една година, на пример!?

Нели сето ова потсетува на старата флоскула за ,,задоцнетата памет”? На прстите од едната рака,можат да се избројат оние, кои уште одавна пишуваа, или се исчудуваа на самата појава на тоа чудо од медиум, наречен ТВ 1.

Тоа што таму се најдоа и некои новинарски ајкули (ова без потценување!), воопшто не беше за чудење. Предаторите, по природа на нештата, се, први да го намирисаат пленот, особено ако претходната бара, им била тесна. Или, веќе ја изгустирале!?

Велат дека Боки 13, се гордеел што одел по стапките на Велија Рамковски. Јас спаѓам мегу оние кои се срамат, уште од првиот момент кога Горан Гаврилов, од Канал 77 ми го претстави, па се до затворањето на телевизијата. Неговото вкупно однесување како бизнисмен, неговото разбирање на новинарството (со кое самиот кажа дека – ,,се претерало!”), секогаш ми беа неприфатливи. Не само поради американските милион долари, дадени за развој на медиуми,а  кои завршија како пилешки батаци – копани!?

Едно лично искуство: Кога, во 2002 година, влегов во втората влада на Бранко Црвенкоски, во ресорот на информирањето, мегу другото, се соочив со фактот, дека една моја претходничка (и денеска соли памет, во улога на колумнист во неделникот што го води озарената водителка од последното гостување на Боки 13 на (не)неговата ТВ!), од Буџетот наменете за весници, му беше искеширала на драгиот Велија, стотина и кусур илјади евра (или марки, ако беа тогаш тоа!?), на барање напишано на обичен лист, скинат од тетратка со квадратчиња, дури и со потпис без печат.

Не сум толку наивен да верувам дека го направила без знаење на претходниот премиер (персонално – истиот!), ама сепак, што би рекол Горан Стефаноски: вдлабив нокти тоа диво месо да го откорнам! Се разбира без знаење и одобрување на старо-новиот премиер, на сопствен ризик.

И го откорнав. Го добив судскиот спор, Велија како попче ги врати (или мораше да ги врати парите) и покрај неговите марифетлуци, со гаснењето на задолжените фирми и со изобилната припомош на тогашната државна мајка – првобранителка.Предметот го процесуираше, дури откако и се заканив со обелоденување на прес-конференција.

Зошто го сторив тоа? Затоа што претходно во Супер Радио, за да направам програма ( на ,,малиот ББЦ од Балканот”- зашто да не, малку и самореклама!) и поделам плати, собирав марка по марка! И сега – оп, некој, добивал стотици илјади, на обично пусулче! Го сторив тоа во името на професијата, во името на маките, на сите нас кои почнавме во раните деведесетти години, со некаво плурално, алтернативно новинарство.

Професорот Ѓорѓи Спасов, пишува дека нему уште во јануари, нешто му мирисало на нечесно и чудно. Нешто му го матело умот!Како она досетката со изневерениот сопруг и чашата јогурт! Секоја чест. Ама, и натаму има по некој, кој, уште од ланскиот јануари,  оди да собираме евро по евро, во исто време, кога овие од Бокица, одеа  по фирмите и општините – со однапред потпишани договори и однапред внесени суми од десетици и стотици илјади евра! А, чии беа тие градоначалници, кои потпишуваа, а не прашуваа? Чии се денешните?

Ете и од мојот презадолжен Охрид, од градската каса, дрпнал 1,5 милиони денари, а дошол со потпишан договор на 3 милиони!

Велат, дошол повторно, сега кај новиот градоначалник, но му била покажаната вратата!Значи, ако се сака-се може. Како се може и кој може? За жал, само оној што, има храброст и аргументи јавно да соопшти”: Не ми треба мене СДСМ, туку јас му требам на СДСМ!”.

За жал, во жалното македонско новинарство има дузини Бокија и Бокици!?

Не без причина и како што обично кај нас се случува, сега, сѐ се истури, односно се ,,претера со новинарството” во ТВ 1. Секојдневно се истураат, како што вели Геро,  многу ,,детаљи” за урнисаното македонско новинарство. За рекет новинарството, како до вчера да беше сѐ – мед и млеко!?

За жал, во жалното македонско новинарство,има дузини Бокија и Бокици! Од најмалите средини, или, како што метрополците не нарекуваат – провинцијата, па се до лажната метропола и уште полажните македонски медиумски Олимпи!

Да не биде повторно – по свадба тапани, еве неколку примери од непосредното соседство, непосредното опкружување, а за што и досега сум пишувал.

Рекет е кога дописници на телевизии со национални концесии, ,,производот”, го продаваат двапати – еднаш на телевизијата, еднаш на своето порталче!

Што е тука чудно?, ќе прашате. Ништо освен што, телевизијата е плашило,или референца – кој како милува, за преку неа да изнудитат пари за себе!Нешто, слично, како Катица Јанева!

Рекет е кога за  дописник, или дописничка на ТВ со национална концесија, не постојат општините (да речеме Вевчани и Дебрца), ако претходно нема договор за соработка!?

Рекет, безобразлок и Богохулие… е кога дописник на ТВ со национална концесија, па уште и локален, море и – регионален  “лидер” на нашето, пардон на Младеновото ЗНМ, со ножици, како во времето на Хазјанинот, ги сече сликите и деловите каде се споменува градоначалникот, да речеме на општина Дебрца! Не дека ми е тој, персонално,мил, напротив, ама не дозволувам со мојот производ да се прави тоа Богохулие! Само затоа, што за неговото порталче немало претходна  ,,кинта” на покерската маса!

И тоа не за било што, туку за настан, со значење на централно – северно македонско одбележување на погибијата на македонските херои кај Вејце, во 2011- та! Па уште и кога станува збор за погубен – масакриран син на наш колега од професијата!

Овде ѓаолот одавна ја однел шегата!?

Веле Митаноски