ЛП: Гласот за пржинската четворка е одржување на сегашната состојба

Секој глас даден за пржинската четворка ќе биде само глас за одржување на досегашната состојба и истите проблеми-рече Ивон Величковски, носител на листата на Либералната партија во ИЕ1 која својата изборна кампања ја започна од општина Кисела Вода со разговори и средби со граѓани.

Економијата е на прво место. Зборуваме за мерки кои директно треба да влијаат на стандардот на граѓаните. Го објаснуваме нашиот проект, т.н. Солидарен концепт со кој 28.000 семејства треба да излезат од банкарското заложништво со своите кредитни картички.

Наш приоритет е сето она што значи консолидација на институциите. Слушаме многу предлози за прашања, сакате од етнички, сакате од меѓународен домен коишто треба да го отворат Ѕставот. Сметаме дека во овој момент отворањето на Уставот не е прашање. Напротив, прашањето е консолидирањето на државата, на институциите, кои во изминатиот период покажаа дека имаат проблематично функционирање и дека правото не владее тука.

– Дозволете наместо ние кандидатите да зборуваме, за промена – ние да одговараме пред вас и да ни ги поставите прашањата кои ве интересираат-рече претседателот на ЛП.

,,Наша задача е секој да дојде до својот профит, под еднакви можности, врз основа на еднакви шанси и врз основа на пресметливи закони.

Задачата на пратениците на Либералната партија ќе биде владата во која ќе учествуваме, да го стабилизира системот, да се стабилизира општеството, да се постигне кохезијата на македонската нација во која припаѓаат сите припадници запишани во Уставот и сите етнички заедници.

Но, тргнуваме од следното тројство, од следниот „магепсан круг“: организирана држава – економија на прво место – и образование и млади. Тоа се три сегменти поврзани еден со друг. Без економија нема никаква иднина, ниту сегашност.
А не може да имаме економија ако немаме стабилни институции , да ги гарантираат правата и сопственоста-изјави Велиочковски на стартот на нивната кампања.