ЛУЗНИТЕ НА ДЕЛЕЖОТ

Пишува: Ристо Лазаров

 

Врти-сучи, така излегува: ѓаволот кога си нема работа произведува длабоки општествени дележи – поради политика. Никој разумен не се труди да ја разбере, а не пак да ја прифати ваквата ѓаволска пакост.
Денеска, во 21 век, кога сите се колнат во демократијата, кога сите чекорат кон целосната демократија – ние секој со својот ѓавол и во својот ров, против оној отспротива, исто така со својот ѓавол и во својот ров. Не сме, белки, толку неразумни, ама запнуваме со сите жаволски итроштини да го избербатиме оној отспротива. Џабе ни некогашните мелиоризации, сега цапаме во батаците на нетрпеливоста, ги прошируваме полињата на омразата. Има и други попришта на дележи (богати и сиромашни, религиозни итн, итн.) ама ние се палиме на политиката и на речникот на политичката пизма. Ѓоа не може да се мисли различно без пизма, без етикетирања, без плукања и безобзирни навреди, без тоа ,,добро утро” да ни дека ,,ние сме патриоти” а вие сте ,,предавници”, а не луѓе кои политички мислат различно, ама се почитуваат како луѓе. И како соперници.
Врие на нашиот панаѓур на политичките дележи, како никој никогаш да не прочитал и потчул од другега за тоа што сите, па и ние го нарекуваме историја. Што се однесува до нас, може и историја на дележите – нема многу да се згреши. Панаѓурката прав ја поткреваат истурачите на вреќи зборови, бесмислени и никому потребни зборови, од кои не може да се направи дури ни антологија на пизматичните бисери. Таквите зборови се тркалаат само до канализационите мрежи, угоре не можат. Затоа ли секоја смела идеја отпрвин личи на лудост?
Нашите дележи, такви какви што се сега, оставаат лузни: некои плитки, што бргу зараснуваат, но и такви што долго, долго траат и луто печат. Полуто и од најлутата страст. Сите мислат дека ќе им падне шанот ако се приберат и примират, ако ги згаснат огновите омраза, ако ја згазнат жарта и пепелта на омразата, баш онака како што ,,херојски” згазнуваат некоја малечка, смрдлива бубачка.
Имаат ли нашите политички стратези (добро, друга тема е тоа што некои од нив и не чуле што е тоа стратегија) ниет едно утро, такаречи утре, да се разбудат во нашата татковина и најпрвин да ги избришат гурилките на омразата од мамурните очи? Да фрлат, на пример, поглед лево-десно, горе-долу, да видат, ама убаво да видат што се случува во најблиското ни соседство, во регионот чиешто неразделно парче (макар и слепо црвео) сме? Да си приспомнат на ,,Буре барут”, та нели нашинец е автор на претставата за која нашите разгоропадени чауши можеби и никогаш не чуле?!
Нема многу време. Барем да се сфати дека омразата никогаш не се смирува со омраза, туку со нејзиното бркање од часот по историја (и не само по историја). Тадури и повеќе од бркање – со еден кец кој цел век не може да стане двојка, а не пак петка. Да се избрка и ситењето, да се разбере веќе еднаш дека пропаста на другиот е прв чекор и кон сопствената пропаст. И кон заедничката, што е најлошо. Дека пизмата најпрвин го погодува оној што ја носи и раздава. Сепак.
Не сме во времето на Цицерон. Не е работата во тоа ,,нека ме мразат, само нека се плашат”. Ќе запре ли, најнакрај, производството на страв, кое тука по обичај има висока стапка? Стопанката, зарем сиве овие децении не се уморивме од меѓусебна пизма, ѓоа не знаеме дека таму кајшто двајца се пизмат – печали некој трет? Не само од пизма, и од многу други нешта сме уморни, аман веќе!
Што енергија се изгуби на ,,негувањето” на (само)злобата во нас и околу нас, на карневалски претеризми и закани со (посаскувани?) конфликти. Тоа некои нервни доктори го викаат параноја. Толку ли е тешко да се остварува сувереното право на сопствено мислење, без да се пизми и исплука оној што има поинакво мислење?
Зарем треба уште да се убедуваме дека политичката умешност сака вардење од грешките и приближување, прифаќање на вистинскиот избор. Не е време за правење вистински грешки и запирање на возот на станицата на погрешниот избор.
Политичките аналитичари милуваат да ја подвлекуваат ролата на политичките и државните водства. Некои од нив се ,,боцкала” на пизмата, не ни помислуваат (или, не дај боже: не се ни свесни) дека е непогрешливо претсказание на мракот што е во времето пред нас.
Сите сакаат победа: и локално зачмаените, и оние со глобален замав. Најнормално. А што сега кај нас се есапи за победа, особено кога нема нерешено? Едно, безбели е јасно: победата да е насочена нанапред, а не наназад. Да ги прескока сите празнини, што не значи дека некогаш не може и да се препне. Ова не е време на бабрење на пизмата. Само што не сме дошле до нормалниот колосек, а уште не сме ја стокмиле заедничката композиција вагони. Ако не го можеме тоа, што можеме? Збор е за широкото ментално платно на кое сме ,,нацртани” сите, без исклучок.
А тоа ,,за” или ,,против” – еве, му доаѓа денот, а тој да е како што личи.
Thursday 27 Sep 2018 11:05 Permalink