Луѓе на Мијалков вработени во УБК подигнале над 800.000 евра од касата за посебни намени

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, македонски државјани. Лицата се осомничени дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 50.670.000,00 денари.

Осомничени се Тони Јакимовски, кој беше шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, а попладнево покрај него, упасени се и Петре Пешовски, Стево Маџовски и Кристина Јосифовска кои исто така работеле во УБК, а според Обвинителството за организиран криминал се осомничени за проневера на 824 илјади евра.

Имено, во периодот од јануари 2007 година до мај 2017 година, осомничените како службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“. Во наведениот временски период, во 172 наврати, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале.

На крајот од годината, документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“ ги уништувале, без посебно одобрение од Директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 50.670.000,00 денари.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител до Судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1- Скопје, достави предлог за определување на мерката -притвор за осомничените.