Македонија е најлошо пласирана земја од балканските на планот на борба против корупцијата

Македонија минатата година назадуваше во борбата против корупцијата.

Меѓународната организација Транспаренси интернешенел го објави извештајот за 2019 година во која нашата земја има пад од 13 места во однос на 2018 и се наоѓа на 106 место.

Пред Македонија се наоѓа и Косово кое заедно со Босна и Херцеговина го делат неславното 101 место, а нашата земја е на уште понеславното 106 место.

Најдобро рангирана  од земјите од поранешна Југославија е Словенија која е на 35 место, а по неа се Хрватска и Црна Гора кои се на 63, односно 66 место на индексот на перцепција на корупцијата.

Владата реагираше на извештајот на транспаренси.

,,За бескомпромисна борба против корупцијата ја подигнавме отчетноста и транспарентноста на институции на извршната власт, која треба да биде зајакната и со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија.

Владата на Република Северна Македонија останува да се раководи од ставот дека отворените податоци се силен поттик и дополнително го јакнат доброто управување, транспарентноста, интегритетот и со јавното учество на граѓаните и другите засегнати страни во креирањето на политиките.

Сите реформи што беа преземени и што се спроведуваат се во насока на создавање силни и независни институции и механизми за борба против корупцијата, сѐ со цел да се врати довербата на граѓаните во институциите на системот.

Во таа насока имаме сериозни остварувања и резултати“-се вели во реакцијата на владата.