Македонија на раб на бездна

 

Сагата наречена „македонска политичка криза“ се продолжува. Полека почнува да мириса на војна и внатрешни судири. Овој пат не помеѓу македонците и албанците туку помеѓу самите македонци кои дозволија ВМРО-ДПМНЕ (конзервативците на Никола Груевски) да ги подели на членови на ВМРО и оние останатите- поточно предавниците. Предавањето на мандатот од страна на Претседателот на државата Ѓорге Иванов се претвори во тешка фарса и по кој знае кој пат дојде до кршење на Уставот. Сиромавиот Устав, растурен е повеќе од селска фудбалска топка.

После вонредните парламентарни избори одржани на 11 декември 2016 година резултатите беа спротивни. Според изборниот систем Македонија е поделена на 6 изборни единици на територијата на целата земја и уште две во дијаспората. Последните резултати го кажуваа следното: на ниво на држава, 620 илјади граѓани гласаа за СДСМ (социјалдемократи) и коалицијата, а од таа бројка околу 24 илјади  гласови на Албанците отидоа право кај СДСМ. За ВМРО-ДПМНЕ гласале 450 илјади, но според проценката по изборните единици, коалицијата на СДСМ доби 49 пратеници, наспроти 51 пратеници на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. На ден пред Божиќ, 6 јануари 2017 година  ДУИ излезе во јавност со политичка платформа зад која наводно стојат сите албански партии и која бараше двојазичност во сите државни институции, промена на државниот грб, знаме и химна, вклучување на политички претставници на Албанците во преговорите со Грција и осуда на наводен геноцид над албанците во период од 1912 до 1954 година. Реакциите во јавноста беа бурни, посебно што беше индикативно одењето на албанските политичари од Македонија во Тирана и средба со премиерот Еди Рама. Режимските медиуми пак почнаа да го поттикнуваат народот и да создаваат атмосфера на страв дека Македонија ќе се распадне, дека Албанците бараат двојазичност како полесно би дошле до федерализација и подоцнежно отцепување. Хистеријата беше зачинета и со кловновската изјава на американскиот сенатор Дана Рорхабакер дека Македонија не е земја и дека треба да се подели. Подоцна тој се извини.

Бидејќи македонскиот Претседател Иванов кој го завршува својот втор мандат, за овие 8 години веќе докажа дека е под директна контрола на Груевски, мандатот за состав на Влада прво му го даде на својот шеф. Но, лидерот на  ДУИ која 9 години беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети, се покажа како најдобра невеста на Балканот. Со недели ги оддолговлекуваше и комплицираше преговорите, давајќи изјави во јавноста дека се преговора за употреба на албанскиот јазик, но на крај вистината излезе на видело. ДПМНЕ ни по која цена не сакаше да дозволи Специјалното јавно обвинителство кое спроведува истрага за криминалните дејанија на високи функционери на ДПМНЕ да продолжи со својата работа. Мора да се напомене дека и самиот Груевски е под истрага на ова обвинителство. Европската унија веќе преку својот комесар Јоханес Хан отворено реагираше и изрази очекување претседателот Иванов да му го даде мандатот на Зоран Заев, лидерот на СДСМ. Сепак стравот дека наводно албанскиот јазик ќе стане официјален јазик на територија на целата земја и дека македонските деца ќе бидат принудени да го учат во училиштата, станува се поголем. ДПМНЕ со помош на својата медиумска машинерија убаво ја спакува лагата дека СДСМ ќе воведе албански јазик низ целата земја, вешто сокривајќи го фактот дека употребата на албанскот јазик е регулирана  уште со Охридскиот договор од 2001 година со кој се заврши војниот конфликт и со Законот за употреба на јазиците од 2009 и 2011 година. Во овие правни акти пишува дека албанскиот јазик се користи како втор официјален јазик во општините каде албанското население процентуално е повеќе од 20% , со години се користи во Собранието, а двојазични табли има на улиците и автопатите. Исто така, вториот канал на Македонската телевизија одамна има програма на албански јазик. Наспроти тоа, Македонија не се распадна, ниту Албанците бараат отцепување.

За жал, желбата по секоја цена да се остане на власт и да не се оди во затвор го надвладеа разумот. Последните два дена Граѓанското движење за спас на Македонија организираше протести во Скопје и уште два града во Македонија со повици во кои нема да се дозволи земјата да се распадне и дека граѓаните мора да ја спасат од Зоран Заев. Тие протести се полни со говор на омраза кон Албанците и сите граѓани на земјата кои не се членови или симпатизери на ДПМНЕ. Завчера протестот кулминираше со кукавички напад од зад грб на новинарската екипа на порталот A1on.mk, а двајцата новинари завршија во болница. Вчера претседателот Иванов, како што сите очекуваа и како што налага Уставот требаше мандатот да му го даде на Заев за да формира влада, но тој тоа го одби со изговор дека нема да дозволи еден човек (Заев) да ја уништува државата. Сепак, истиот тој Устав кој веќе е растурен, но е единствено засолниште во ова политичко лудило, поточно неговиот член 90 предвидува дека Собранието може да се повика и со просто мнозинство да ја изгласа предложената Влада и Премиерот и без доделување на мандатот од Претседателот на републиката. Но, прашање е дали пратениците на ДУИ ќе гласаат за таа влада.

Се на се, се чувствува страв во воздухот, страв од војна. За разлика од поранешните периоди, Македонците денес не се плашат од Албанците, туку од другите Македонци на кои ДПМНЕ им го испра мозокот и со бедна плата од 200 евра ги убеди дека нивната иднина зависи само од ДПМНЕ, т.е. без ДПМНЕ на власт нема да ја има ниту Македонија, ниту нив. Не е важно што нивните функционери украдоа милијарди, важно е да го мразиме секого кој не е Македонец, не е православен и не е член на ДПМНЕ.

Соња Стојадиновиќ

Објавено на 02.02.2017 на портал Нови Пламен