Македонија не е апстракција, туку и ѓубрето и урината врз неа

Пишува: Емилија Лазаревска

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, упати драматичен апел до централната власт, посебно до МВР, и побара државна интервенција за спас од несовесните граѓани.

Имено, општината 4 пати за 16 месеци чисти една иста дива депонија која ја прават жителите на населбата ,,Перо Чичо“, и со која потоа секојдневно, 24 часа на ден , седум дена во неделата живеат , без око да им трепне.

Животот со сопственото ѓубре изгледа вака:

Македонците имаат култ кон ѓубрето

Мојот мобилен телефон е полн со фотографии со ѓубре, направени насекаде низ Македонија. Бидејќи, нема педа од нашата македонска почва каде поминал човек, а да не е онечистена, преполна со ѓубре, плуканици или фекалии. Треба здрав желудник за да се поднесе тоа.

Место кое треба да е постојка за одмор

Згора на тоа, надлежните служби во најголема мера го оставаат таму со месеци, некаде со години. Не ги расчистуваат депониите на паркинг просторите покрај македонските патишта. Или, на ниту еден од нив нема контејнер за отпадоци. Жителите од околните села на потегот Гостивар-Охрид , со трактори и камиони го истовараат својот отпад покрај патот. За тоа сум пишувала и известувала безброј пати, но и сега дивите депонии се таму:

Запрепастува фактот дека и на едно од најпопуларните попатни одморалишта, Стража, е како на дива депонија. Патниците фрлаат, никој не казнува и не чисти. Нема корпи за отпадоци, нема предупредувања, нема ништо. Битно е да се продаде и изеде мекица плус, и да се продолжи патот кон најпознатиот македонски туристички центар. И на враќање е исто. Само од другата страна на улицата.

Стража

Патем, да се фрли попат сѐ што се нашло во автомобилот. Гнасно е насекаде. Не, ѓубрето не е паднато од Марс, од луѓето е.

Ама велите, Македонија ви е сѐ, и велите, името не го давате, и велите ….

Министри, директори секој ден се возите по патиштата, службените автомобили ги искршивте. Ѓубрето не ви пречи, не го гледате?

Дупки ќе си направите чукајќи се во гради. Македонија, та Македонија. И едните и другите.

Не, не ја сакате Македонија. Не се сакате ни себеси, за другите ич муабет да не правиме. Оти, кој родољуб вака крвнички ја уништува и мрази својата земја? Знаете кои се најголеми патриоти во Европа? Словенците. Нивната земја е прогласена за најчиста. И тие се гордеат со тоа како голема цивилизациска придобивка. И за нив и за светот.

И место некои идиоти да ми пишуваат пораки да си го гледам ѓубрето, демек за тоа уште само ме бивало, и кучето да си го шетам,треба да научат дека не се плука на земја, дека не се врши нужда каде ќе им текне, дека носот е за во шамивче, дека не се фрла ѓубре насекаде и потоа си живеете со него, еееј….дека љубовта кон животните и грижата за околината се најголеми човечки доблести и патриотизам. Негрижата за околината кажува каков човек сте, колку сте општествено одговорни и колку ги сакате другите и околината. Грижата за животните пак, кажува колку сте цивилизирани и хуманитарно созреани.

Другото, млатење празна слама. Духовна храна за луѓе без дух. Повикот на градоначалникот на Куманово , го сфаќам како краен апел да се спасиме. Од некултурните, некадарните, злонамерните. Дојдено е време за жестока државна акција, за спас на природата и враќање на културните навики на луѓето. Секако, одговорност на надлежните, аут за оние кои не си ја знаат работата. Барам да се прогласи вонредна состојба на планот на хигиената. И лична и општествена. Да се искористат сите механизми и ресурси. Да почне да се применуваат законите и да се казни секој што ќе се дрзне да ја онечисти заедничката животна средина. Но, првин да се создадат услови за тоа. Да се воведе задолжително сортирање на отпадот. Патем, да се измијат контејнерите, да се тргнат од сообраќајниците, да се направи нешто.

Да се спроведе широка акција за воспитување на голем дел од населението, кое нема основни културни и животни навики. Да се врати воспитувањето на децата од најмали нозе, како задолжителен предмет од прво одделение. Инаку, маф ни е работата.

Емилија Лазаревска

(Емилија Лазаревска е основач и Главен и одговорен уредник на портал АКО.мк. Професионален новинар е од 1986 година кога, како студент на новинарство, почна да работи како хонорарен соработник во Телевизија Скопје, каде стекна богато новинарско искуство. На почетокот на деведесетите беше вработена во МТВ на неопределено време. Во 1998 година ја напушти МТВ и оттогаш, од самите почетоци и формирањето на телевизијата, па сѐ до 15 јуни 2016 година, работеше во Телма како новинар и уредник. Во нејзината 18 годишна кариера во Телма учествуваше во формирањето на редакцијата на вестите, а 13 години беше Одговорен уредник на вести)