Македонија од Народна, Социјалистичка, Република Македонија до Република Северна Македонија

Македонија за време на своето постоење како држава од нејзиното конституирање како составен дел на југословенската држава за време на Втората светска војна, своето име го менувала четири пати, а имала фактички 5 имиња.

За првпат елементи на државност се прогласени на Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година, во манастирот Прохор Пчински, во виорот на Втората светска војна, кога покрај делегати од сите краишта на Македонија, присуствувале и претставници на големите сили.

Тогаш се донесени следните важни одлуки за прогласената Демократска Федерална Македонија, кое  било првото име на Македонија како федерална држава во составот на новопрогласената Демократска Федерална Југославија. Ова име се користело во периодот од 2 август 1944 до 8 март 1946 година , кога Президиумот на Народното Собрание со закон го менува името во Народна Република Македонија. На првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, се донесени следниве важни одлуки:

  • Решение за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија
  • Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на Демократска Македонија
  • Решението на АСНОМ  за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава
  • Решението на АСНОМ за прогласување на Илинден, 2 август, за народен и државен празник на македонската држава.
  • За прв претседател е избран Методија Андонов Ченто

На 8 март 1946 година, Президиумот на Народното Собрание донесува закон со кој името се менува од Демократска Федерална Македонија во Народна Република Македонија.

Во овој период меѓу двете имиња и непосредно потоа, се формирани сите значајни државни институции и обележја, како Државен Универзитет, Народна библиотека, Македонска филхармонија, излегува првиот весник на македонски јазик Нова Македонија, Македонска Православна Црква, Македонски народен татар, МАНУ, првиот македонски буквар, Правопис и Граматика на македонскиот литературен јазик и така натаму.

Социјалистичка Република Македонија (скратено  СР Македонија) било името на Македонија од 1963 до 1991 и била федеративна република во рамките на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Социјалистичка Република Македонија

Во 1991 година, по одржување речиси на плебисцитарниот референдум по распаѓањето на СФРЈ, Македонија го менува своето име од Социјалистичка Република Македонија и станува независна држава, Република Македонија.

Република Македонија

Ова е уставното име на нашата држава сѐ до вчера, 12.02.2019 година, кога стапи во сила Договорот со Грција од Преспа, со кој Македонија се преименува во Република Северна Македонија.

Република Северна Македонија

Со овој услов земјата ќе стане рамноправна членка на НАТО сојузот.

Треба да се спомне дека изминатите речиси 25 години, од 1995 година, согласно времената спогодба меѓу Македонија и Грција, за меѓународна употреба се користеше името Бивша Југословенска Република Македонија .

Во меѓувреме согласно договорот, а најмногу во рок од пет години, треба да се сменат сите натписи на државни институции, меморанндуми, електронски записи, штембили, регистерски таблички, лични документи, банкноти…и секаде името Република Македонија да биде заменето Република Северна Македонија.

Подготвила:Емилија Лазаревска (за АКО.мк)