Македонија ја доби првата жена Министер за финансии

Со 64 гласа „за“ и 18 „против“, пратениците попладнето во Собранието ја избраа Нина Ангеловска за министер за финансии, а со 61 гласа „за“ и 21 против го избра Хисен Џемаили за министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима.

Нина Ангеловска, на 31-годишна возраст е првата жена министерка за финансии .

Ангеловска е сопственичка и извршна директорка на „Групер“, првиот македонски онлајн сервис за купување преку групни попусти.

Во нејзината биографија стои дека е родена во 1988 година, средното образование го завршува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ а во 2010 година дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Економски факултет на департманот Е-Бизнис како најдобар студент на генерацијата, со постигнат успех од 9,94.

Во 2012 година Ангеловска станува магистер на економски науки во областа на е-бизнис менаџмент, во 2013 ги почнува докторските студии и во 2016 година се стекнува со научен назив доктор на науки по организациски науки и управување при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

Двајцата новоизбрани министри положија заклетва пред Претседателот на Собранието.