Македонскиот менталитет си останува и во Република Северна Македонија

Пишува: Емилија Лазаревска

 

Еден од феномените на ова поднебје, за посматрање и проучување, за мене е македонскиот менталитет.

Од познати причини, за кои овде во оваа прилика нема да потсетувам и повторно да навлегувам, за жал, имам секојдневен допир со базата што би се рекло, и сѐ повеќе ги разбирам пријателите и познаниците кога ми велат, не тргнувај од себе.

Секако, тука  мислам на моите реакции во нашите разговори, кога искажувам неверување, чудење или вчудовиденост од начинот на кој комуницираат политичарите за време на предизборните периоди со потенцијалните гласачи.

Груевски за тоа беше ,,мајстор“. Тој се претвораше во нив. Дури и се облекуваше со нивниот вкус. Беше еден од нив. (сетете се на ,,вришти“ комбинациите, со каки боја маички, светло кафеави панталони и т.н.)

Од една страна е разбирливо дека ако сакаат да ги придобијат и да гласаат за нив, мора да зборуваат на нивниот јазик, но, од друга страна ми е поразително што не се обидуваат системски да влијаат на нивниот  провинциски и во многу случаи, прост менталитет.

Како што реков, моите примери се оригинални. Можеби и не, барем јас така ги доживувам, бидејќи ми се ,,откритие“ во последните две три години од мојот живот. Порано, немав толку време за тоа. Или, живеев во свој свет, што би рекол сопругот ,,бевте во стаклено ѕвоно“.

Кога ќе почнете да ги забележувате и анализирате феномените на поднебјето, откривате дека е фрапантна ерозијата на личното и домашно воспитување , пизмата на сѐ и секого е до точка на вриење, да не зборувам за зависта, па нема да згрешам ако кажам и голема злоба, за кои секојдневно ,,наслушнувам“, без да сакам, од разговорите на минувачите.

Оние што доаѓаат често или поминуваат секојдневно во Паркот на езерата во општина Аеродром, знаат дека утрата таму се резервирани за сончање на повозрасната машка популација. Распослани се по клупите, се печат на сонцето, а не е ретко некои од нив тоа  го прават соблечени по гаќи, а гаќите им се испопикани по сите можни краеви од нив самите, за да се ослободи поголема територија од телото.

И за да не се доведете во ситуација да видите нешто што не треба, оти со кренати нозе на потпорникот од клупата, сешто е возможно, поминувате со пушка прав поглед, за да не ви стане незгодно.

И како што знаете често пишувам за некултурата, па и овде ќе повторам дека не ретко може да наидете на таков маж кој уринира наоколу по грмушките, затоа што природата повикува, а долготрајното седење си го прави своето.

За менталитетот ми беше зборот.

Човек во свои седумдесетина години, може нешто помлад, го гледам оддалеку, во поза на сите четири раширени, со кратките гаќи испопикани во сите можни ластици, нападно гледа во една група млади мајки со деца растрчани по паркот и мостињата преку езерцата.

Ете, веројатно од чиста здодевност и љубопитство, но луѓе, имате ли ронка мера за однесување на јавно место? На запад за вакво однесување ќе бидете избркани од таму како потенцијална опасност, набљудуван како можен педофил, а во најлош случај, но не и невозможно, дури и уапсен.

И сега одиме до главната причина , заради која , по не знам кој пат, решив да се навратам на мојата ,,омилена“ тема.

На враќање од секојдневната прошетка покрај, за среќа обраснатиот кеј за да не се гледа ѓубрето крај реката, со брз чекор и вкочанет поглед напред, поминувам покрај една од налегнатите клупи, кога види ѓавол.

Од под неа, излетува разлутен пес и се втурнува во Цезар да го ,,растргне“, кого го држам до себе на поводник.

,,Опасното“ куче е од оние малите слатки бели пуфки, малтезер или некој вид пудличка, но луто како пиперче.

Според реакцијата и негова и на Цезар, сфаќам дека е машко и дека не попушта и со сета сила го држам моето куче до мене, за да не го растргне, но во вистинска смисла на зборот.

Во таа краткотрајна ,,борба“, некако се освестува сопственикот, и распојасен доаѓа полека напуштајќи го неговото место под сонцето и луто ми се развикува:

,,Зошто не го фатиш? Фати го, што си застанала така“.(мисли на неговото куче)

На прва не сфаќам и му велам, нели гледаш дека го држам  човече кучето, што е проблемот?

Тој одговара,- не мислам на твоето, што не го фатиш моето куче?!

Како мислите, велам, па Вашето е пуштено, моето  е врзано, нели гледате дека се обидувам да ги раздвојам да не го растргне малото?!

На ова добивам одговор во стилот ,,а бе ајде, на што личи ова, место да го фати, она ќе ми филозофира тука“….

Ама , велам , Вашето куче е Ваша обврска….

,, Ајде доста, доста, …“ одговара луто, на што велам:

-Боже, каква будала.

Што е апсолутно точно, но кога ќе се обидете да им одговорите соодветно, наместо извинување, се разбира од распојасаните голи македонски мажи, ќе добиете вакви комплименти:

,Мрш, смрдло една, курветина…“ и закани дека ќе те тепа со кревање на раката и тргнување кон мене.

Повели, му реков, и со висок тон се доближувам кон него,…но ТИ си навистина будала.

Така што, драги Македонци, македонскиот менталитет ви е загарантиран и во Договорот за решавање на долгогодишниот спор со соседна Грција за нашето уставно име Република Македонија.

И затоа ДА ЖИВЕЕ Република Северна Македонија! Долу, македонскиот менталитет!

АКО.мк