Македонските градови имаат континуирани проблеми со водоснабдувањето

 

Повеќе градови во Македонија со децении мака мачат со нормално водоснабдување. Во некои градови тоа е изразено само во летните месеци, но некои, како Тетово на пример, недостог од вода се чувствува во текот на целата година.

На тропски температури од над 40 степени голем дел од градот и годинава е соочен со недостиг на вода, а жителите не можат да ги обезбедат ниту основните хигиенски услови. Веќе еден месец без вода е целото село Речица, додека со исти проблеми  неколку години се соочува и населбата Сончев брег, каде водата се обезбедува преку потоците од планината. Секоја година, а посебно пред локални избори, партиите ветуваат решавање на овој горлив проблем, но ниту умеат,ниту можат, ниту пак успеваат тоа да го направат. Прогласени се рестрикции на вода од половина час по полноќ, до 3 часот утрината.

Проблем со водоснабдувањето, но и со заметеност на водата има и во Прилеп.Заради намалениот доток на вода од Регионалниот водовод „Студенчица“, како и поради големата потрошувачка од страна на граѓаните, ЈКП „Водовод и Канализација“ во водоснабдителниот систем ги активираше Градските бунари, информираа од ова претпријатие. Тие уверуваат дека заматената вода што доаѓа низ цевките е исправна за пиење, но сепак препорачуваат пред употреба да се преврива.

Во Ресен, жителите се на крај од своите сили да ја издржат секојдневната ,,тортура“ на живеење заради немање вода и по неколку часа во текот на денот.

Деновиве овој проблем се активира и во Струга, а жителите реагираат дека немаат капка вода во најжешкиот период во денот. Од општината се правдаат дека водата се троши енормно, дека температурата е многу висока, дека има многу туристи, се полеваат дворовите…

Оправдување нема за никого коишто се надлежни да го решаваат овој проблем, затоа што за тоа се платени или избрани на локални избори, а граѓаните редовно си плаќаат сметки за овие услуги.

АКО.мк