Македонските дипломи се важечки за турските студенти согласно Лисабонската конвенција

 

Непотребно се крена прашина околу тоа дали македонските дипломи до кои доаѓаат турските студенти студирајќи на Универзитетите во Македонија се важечки или не, велат од МНР. Тие, како и досега се со истата важност, но според друг меѓународен документ-Лисабонската конвенција. Имено, кога во 1998 година Македонија и Турција го потпишале билатералниот договор за меѓусебно признавање на факултетските дипломи, двете земји ја немале ратификувано Лисабонската конвенција донесена 1997 година. Во реакцијата на МНР се вели:

,,Донесувањето на одлука за поништување на билатералниот договор  за нострификација на дипломите стекнати во Македонија и во Турција е  дел од усогласувањето на правните акти, затоа што двете држави ја ратификувале Лисабонска конвенција (The Convention on the Recognition of Qualifications concerning Higher Education in the European) на Советот на Европа и на УНЕСКО. Наведената конвенција е усвоена во Лисабон на 11 април 1997 и е ратификувана од поголем број  европските држави (во Македонија се применува од 1 јануари 2003, а во Турција од 1 март 2007 година).”

 

Одлуката за престанување на билетаралниот договор за признавање на дипломите ја потпиша претседателот Реџеп Таип Ердоган и стапува на сила на 11 февруари. Во неа се вели дека договорот потпшан во 1998 година за меѓудржавно признавање на дипломите за средно и високо образование магистерски студии и докторати се укинува. Но , како што појаснуваат од МНР тоа е само заради усогласување и примена на Лисабонската конвенција во меѓувреме ратификувана од двете земји .

Во медиумите се шпекулираше дека ова е всушност укинување на признавање на македонските дипломи, заради наводната несоработка на македионските власти во ловење на ѓуленистите, што претходно беше побарано од турските власти. И за ова од МНР одговараат дека не е точно и дека од почетокот на обидот за државен удар нашата Влада се изјаснила дека ги поддржува легално избраните институции во пријателска Турција.

Во Македонија има неколку илјади турски студенти, а нивниот наплив е особено значителен од 2010 година , кога нашите Универзитети почнаа да склучуваат договори со турските универзитети за соработка. Меѓу првите беше битолскиот универзитет.

Инаку , главните причини за студирање во странство се што голем број средношколци, околу еден милион годишно , не можат да се запишат на факултетите во Турција, па своето образование го продолжуваат во околните земји, меѓу кои и во Македонија. Секако голема улога игра и прифатливата цена за студирање, која е многу пониска отколку во Турција.

 

АКО.мк