Македонски гнилеж

Пишува: Емилија Лазаревска

 

Бегството на Груевски  е причина поради која Владата на Зоран Заев може да падне. Таа веќе паѓа во очите дури и на најголемите бранители на ликот и делото на Заев.

Груевски со ова, секако заслужи сценарио за холивудски филм, и кога тогаш, тој, како еден од најголемите лажговци, манипулатори и автократи досега во Македонија, ќе биде и филмски јунак.

А многу добро знаеме за кого се навива во филмовите кога некој бега, а други го бркаат. Па уште кога ќе се исфилуваат срцепарателни  сцени со загрижената и расплакана мајка, па сопругата како ги теши децата, сето тоа со драматичните сцени на негово спроведување по подземните ходници до дипломатското возило, маскиран со Мајбах очилата за да не го препознае некој,( и можеби облечен како жена), пристигнувањето во Будимпешта, прегратките со Орбан….а бе филм.

Жанр-акција, трилер, трагедија, драма, комедија… Сѐ во едно. Филмот ќе се вика ,,Како ви го сместив на сите“.

Сцена 1:

,,Мамо, ќе бегам“.

-,,Ако сине, мама ќе ти спреми сендвичи за по пат. Срце да ги изеде, душата ти ја извадија, а ти толку направи за Македонија“.

-,,Да не ги зезнам другарите, ќе ги затворат“…

-,,Ако сине. Ќе се жртвуваат за тебе, херој на мајка, јунак мој. Еднаш мајка раѓа ваков јунак“….

Но, ѓаволот ја однесе шегата. И шегите и досетките на социјалните мрежи се со киселкав вкус.

Едноставно, не му е никому веќе до смеење.

Работата одамна веќе е за плачење.

Бегството на Груевски го исфрли на површина сиот гнилеж на ова општество. Како поплава гомната од канализација.

Некоординирани државни институции. Неспособни раководни кадри. Партиски функционерчиња кои немаат појма каде се , не знаат што им е работа и колку е сериозно да се води една држава.

Никому веќе ништо не му е важно.

Колективна депресија владее насекаде, освен кај 3-4000 новопечени на функции, кои не гледаат подалеку од својот нос, па мислат дека треба да се подмочуваме од радост за нивните привилегии и удобности што ни ги сервираат преку своите селфи сеанси.

,,Шарените“ најавуваат враќање на улиците. На улиците неисчистено, ѓубре, гнасно, прашина, депонии насекаде.  Запустено и запуштено. Мртви кучиња лежат отруени низ Тетово . Скопје е загадено. За Куманово, Кавадарци, Струмица…никој не зборува. Провинцијалци, ти е гајле.

Човек застанат крај Вардар од горе моча во реката. Се криеме, вртиме глава да не нѐ види. Како не ни е срам баш сега да поминуваме тука.

Отворам прозорец. Се слуша гласен рафален плувеж. Директно под прозор, пара уши. Затворам прозорец.

Ќе се угушиме….

Од нешто мора да се умре, ми дофрла некој.

Вечер аналНитичари  ќе ни се кезат од ТВ екраните. Дрн-дрн-дрн….до недоглед.

Ама демократија, секој може сѐ да каже, во грујово така не беше, да не сакате Груевски да ви се врати…Она де-ако не па Груевски да се врати. Ама не од Будимпешта, туку на власт.

Се бунам, велам, како , чекај, па јас баш во грујово многу зборував, таму на работа, ви излегував навечер од црната кутија, убава платичка, позиција, вработување…

Сега, дома пред компјутер, по пижами….

Така  ми велат. Сум спаднала на пижами, порано сакоата беа мој фах.

Ама тркалото се врти…

Е се врти!

Ајде сега, да ми извините, да видам дали го фатија Груевски.

 

АКО.мк