Македонски пилот спречи голема трагедија во САД

Бројот на храбри луѓе кои се подготвени секогаш да помогнат, да скокнат во вода и оган, да пружат рака на поддршка и зборови на утеха и да ги спречат несреќите, од пред неколку дена е зголемен за уште еден, за четириесет и тригодишниот скопјанец Аријан Превала, искусен пилот, инструктор по летање во САД.

Пилотот-инструктор: Аријан Превала
Пилотот-инструктор: Аријан Превала

Присебноста и пожртвуваноста на Превала спречија голема трагедија во градот Мериден, во американската држава Конектикат. Аријан спаси повеќе стотици животи.

Студентот-пилот, Ферас М. Фреитех (28), од Јордан, во вторникот додека под придружба на инструкторот Превала изведувал контролен лет, од засега неутврдени причини намерно го урна авионот „Пејпер Па 34A“ насочувајќи го леталото прво во станбена зграда во густо населен кварт, а потоа и во фабрика за воена опрема.

Но, „Пејперот“, само поради подготвеноста на инструкторот Превала кој дваесетина минути горе во воздух се борел со разбеснетиот студент, не ја „погоди“ ниту зградата, ниту пак фабриката.

Се сруши среде улица во непосредна близина на погоните каде во тие моменти имало над триста вработени, заради што на случајот му дава посебна тежина.

slika-7-pred-vlezot-na-fabrikata

Во несреќата, Фреитех загина на лице место, додека Превала бил пренесен во болница со сериозни изгореници. Повредени се уште две лица во комбе во близина на местото на падот. Тие, исто така, се хоспитализирани.

slika-5-arijan-na-nosilki

И покрај неговите повреди, Превала бил во можност да ги извести властите дека неговиот студент-пилот со умисла го насочил леталото надолу, а и за се што се случувало во тие моменти во авионот.

Што го довело Ферас М. Фреитех да посегне по својот и по животот на неговиот професор, патем и по животите на многу други луѓе се уште не е целосно утврдено, а истрагата се очекува да трае подолго.

ФБИ истражува како се случи несреќата во близина на фирмата која ја опишуваат како „критична инфраструктура“ и дали постојат какви било врски помеѓу Фреитех и некоја терористичка организација заради што инспектори од Одделот за антитероризам направиле претрес во неговиот дом, а неговите цимери, странски државјани кои, исто така, студираат за пилоти биле повикани на информативен разговор.

slika-6-fbi-pretres-na-domot-na-studentot

Заради комплексноста на случајот на Аријан моментно не му е дозволен контакт со „надворешниот свет“.

Вчера разговаравме со блиски роднини на Превала во Америка. За здравствената состојба на Аријан и за тоа тоа што се случувало во авионот за време на летот над Мериден тие велат:
„Аријан е во стабилна состојба, комуникативен е и е под постојан лекарски надзор. Присебноста, искуството и пред се храброста спречија трагедија од поголеми размери. Жали за настанот. Ни на сон не му доаѓало дека еден ден ќе се соочи со вакво нешто. Она што ние го знаеме за случајот е дека дента, пред и за време на полетувањето, се било вообичаено, сите работи течеле нормално. Но, само до некое време…
При контролниот лет, токму над градот, Аријан слушнал вресок во слушалките, а потоа студентот се свртел кон него и му се обратил со зборовите: „Готово е, и со тебе и со мене и со се“, по што ги турнал контролните рачки нанапред и авионот го насочил удолу кон зградите. Благодарение на својата подготвеност Аријан ја повратил контролата и авионот го кренал нагоре.“

За момент, велат соговорниците, се изгледало нормално и дека непријатностите се надминати. Аријан, ја повикал контролната кула на аеродромот и побарал дозвола за слетување. Сепак, кога стасале над фабриката студентот ги дофатил контролните рачки и авионот пак го насочил надолу, сега кон погоните.

Искусниот пилот воопшто не се колебал. Рескирајќи го својот живот сакал да спаси многу други животи, па и животот на Јорданецот. Двајцата почнале да се туркаат меѓу себе, а „Пејперот“ неконтролирано паѓал.

slika-1-mesto-na-padot

Понирајќи удолу леталото закачило во електричен столб и се запалило. Тоа било пресудно. Превала го имал управувачот во своите раце и се обидувал да го врати авионот во нормала, на безбедна висина, но не успеал.

Она во што успеал е да ги избегне погоните на фабриката оти, доколку таму завршел „Пејперот“, ќе се случела катастрофа од големи размери.

„Во таа борба и од падот, Аријан добил изгореници по телото и можеби ќе биде опериран, но без оглед на се, често ја повторува реченицата: „Се исто би направил“. Таков е тој, скромен, јунак “, ни велат неговите роднини.

Томислав Кежаровски