Македонското знаме на под, Обвинителство го освојува стариот Државен архив

Деновиве и на многу степени под нулата се изведуваат градежни работи во старата зграда,   неодаммнешен дом на Државен архив на Македонија.

Јавното обвинителството за организиран криминал и корупција  годинава треба да  се пресели во зградата на Државниот архив, која беше специјално направенa со сите потребни перформанси за чување на иториската архивска граѓа уште од 1969 година.

Со политичка одлука на владата на ВМРО ДПМНЕ-ДУИ, кога уште беше премиер Никола Груевски, архивските документи се преселија   од нивната природна средина  во простории на новиот Археолошки музеј, дел од политичкиот проект Скопје 2014.

 Сега, зградата на Државниот архив се корне од внатре и се прилагодува за нова намена – Јавно обвинителство- Одделение за организиран криминал.

Ова обвинителство со години е сместено во објектот на Апелациониот суд, а новата локација е  само на 50 метри од судот.

Но, и Институтот за национална историја,чии вработени, историчари, научници, доктори на науки, меѓу другото, својата работа ја темелат на проучување на архивската граѓа, се наоѓа на неколку метри од зградата на стариот Државен архив, практично се споени.

Очигледно, тоа никому во Владата не му значи ништо и на историчарите им го откорнаа срцето на нивната работа.

 

За потребите на обвинителството се уништија специјално направените простории за чување на бесценето вредните историски документи за Македонија.

Инаку, обвинителството на јавен оглас ангажираше градежна фирма која ќе им го уреди и реконструира објектот на Архивот, кој сега треба да им гарантира дискреција во работата, подземни пристапни ходници, добро изолирани и опремени судници и сл.

За градежните работи е ангажирана компанијата Бауер БГ од Скопје, која за зделката ќе добие 640.000 евра, а рокот за изведба е една година. Според имотниот лист, објектот на Архивот е во државна сопственост и има 1314 м2 простор и двор од 7565 м2.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во моментот користи простории во зградата на Апелациониот суд – Скопје. На чело на ова обвинителство е роднина на Сашо Мијалков , Јован Илиевски, кој во меѓувреме беше избран за судија во Судот за човекови права во Стразбур, но уште нема стапено на должност.

Од друга страна, новата зграда на Републичкото јавното обвинителството на чие чело е Марко Зврлевски беше пуштена во употреба во 2013 година. Во него се  сместени Основното и Вишото јавно обвинителство -Скопје како и Јавното обвинителство на Република Македонија. Објектот чини 13 милиони евра и е дел од проектот Скопје 2014.

Емилија Лазаревска

АКО.мк