Човек од доверба на Груевски, истрошен кадар, лесно менува партиски дресови – ова се само дел од коментарите што ги упатуваат политичари, амбасадори, активисти и новинари за одлуката на Владата да го назначи Лазар Еленовски за специјален владин претставник во НАТО. Неговото искуство како дипломат е веќе познато за јавноста бидејќи тој пред осум месеци беше амбасадор во Брисел, чие дејствување, според некои од познавачите, не придонело многу за евро-атлантските интеграции на Македонија, пишува Макфакс.

Според новинарката Емилија Лазаревска, недозволиво е на истите кадри да им се доверат функции на кои се утврдило дека не придонесувале ниту во изминатите години, што се потврдило, според неа, со изборот на Еленовски.

– ДУИ вели дека Еленовски е нејзин предлог и тоа не е спорно, но спорно е како е изгласан и зошто имал поддршка од целата Влада, вклучувајќи ги и министрите на СДСМ, за потоа да се брифираат одредени медиуми дека Зеав не се согласувал, но Ахмети ете сакал да го испрати. ДУИ се однесува како разгалено дете во Владата. Со политичкото минато на Еленовски претерано е да му се даде доверба, ние сме виделе што може тој да покаже и да придонесе за државата, а ништо не сме почувствувале. Гледаме и други кадри што долго време биле на функции и кои не покажале резултати, а повторно се наградуваат со високи функции, плати и бенефити и разбирливо е незадоволството во јавноста бидејќи преку глава ни е по толку години едни исти луѓе да решаваат за нашите судбини – вели новинарката Емилија Лазаревска.

– Она што ме интересира е кредибилитетот на Еленовски бидејќи НАТО не е само воена организација, туку и чувар на демократските вредности, и во таа смисла, со оглед на неговиот политички ангажман, тој учествувал во креирање на политиките кои Македонија ја оддалечија од НАТО. Парадоксално е таква личност сега да биде владин претставник на НАТО. Не би ми било чудно да е назначен како некој советник во општина или слично, тоа се политички компромиси, но кога говориме за стратешки интереси на државата, и тоа како е важно. На Влада што се декларира како реформска и која сака да ја врати Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, не ѝ прилега да именува таква личност, без да навлегувам во неговите интелектуални капацитети – вели новинарот Борјан Јовановски.

Критики за изборот стигнуваат и од НСДП, коалициски партнер на СДСМ и партија во чии редови беше и Еленовски.

-Лошо решение на Владата, Еленовски е човек со висок степен на доверба кај Груевски. Тој е човек што има одговорност и против кого се води истрага за падот на воениот хеликоптер кога беше министер за одбрана, а не понесе ниту морлана одговорност. Неприфатлив е и начинот на кој е предложен, од социјални причини, па не може Владата да решава социјални прашања. Јас моето незадоволство го изразив кај премиерот, вели Тито Петковски, претседател на НСДП.

Од Владата, пак, остануваат на ставот дека изборот е врз основа на досегашното искуство што го поседува и дека Лазар Еленовски ќе придонесе во интегративниот процес на Република Македонија кон НАТО.

Извор:Макфакс