Малодушноста и бедата на режимското новинарство

Се случи еднаш во градот, што режимот го претвори во касаба!

 

пишува:Моника Талеска

Да одлучиш да го трампаш својот професионален дигнитет, човечки интегритет за пари е разбирливо.  Едноставно, сакаш мека и права линија во животот по принципот, „снајди се во времето што доаѓа“ и тоа е тоа! Впрочем тоа го правеа, го прават и ќе го прават многу актери во сите професии додека постои светот. Тоа е апсолутна вистина во овој човечки релативитет. Но, несфатливо е да го креваш гласот, во името на наводна правда, а при тоа да си синоним за непочитување на закон, за граѓанска неодговорност, креатор на спинови и уништувач на факти. Такви се контурите на лицето од режимското новинарство!
Сконцентрирани во два медиума, весниче со 8 страници за виткање тегли и една нечиста шупа која себе си се нарекуваше телевизија!

Вкупно тројца квази новинари на број, во „телевизијата за лаги“ и „весничето за лаги“. Режимот им понуди големи бенефиции, во замена за квалитетна испорака на невистини, лаги, спинови против тогашната опозиција. Испорака на сечени, лепени, по порачка дотерувани, козметички уредувани интервјуа и секакви содржи.

Дилот на маса, еве ви вам народни пари, а вие нам јавно мислење, базирано на лаги!

И така за сите мандати на режимската власт!

Тројцата со припомош и на друга екипа, која што умно навреме се дистанцираше од „мозокот“ на квази новинарството креаираа јавно мислење, дека оваа касаба е најубавата дестинација на светот, а власта директно поставена со благослов од Бог!

Простор за критика немаше! Гласот на граѓаните не беше битен! Се пласираа невистини како дрога, како хипнотик за наводно идеалната работа на власта!

„Весничето за лаги“ стигна дури да си обезбеди простор да не плаќа, ни кирија, ни струја, никакви други давачки во „културна“ институција. Двајца креатори на лаги, го излажаа дури и еснафот дека просторот го користат сите новинари, па овде царуваа со години. Бесрамно и со интриги и лаги и овој пат сакаат да поминат на истата карта.

Со години собираа пари од сите установи. Фрли весниче- пари на сметка, фрли весниче в чаршија-пари на рака, пушти реклама во весничето – пари на рака …

Во „Телевизијата за лаги“ речиси по ист принцип се слеваа народни пари од сите страни.

Расцветаа и тие во процутот на беззаконието на режимот!

А, новинарството чекореше на удолница, скала по скала се движеше на патот кон бедата!

Селективни информации, монтирани вистини, скриени факти. Гледачи доведувани во заблуда. Работа надвор од начелата во новинарството, а за правната рамка, службите требаше да утврдат.

Но, едно утро, дојде крајот на режимот! Светна нов ден! А, нив ги фати паника. Страв, ама не за образот, не за дигнитетот на професијата, не за Македонија и за името, и за законот за јазици, за бегалците … Туку страв дека ќе им се скратат бенефициите! Не би час, касата со народни пари се пренасочи за реални потреби, наместо за плаќање лаги. А, тие добија паничен страв.

Размислуваа,но, не долго! Одлучија! Ќе применат „мудри“ методи. Впрочем за тоа беа дресирани во режимот. Продолжија со ширење невистини, лаги и спинови за новата власт!  Та, тука беа најсилни! Ама, душата желна за пара, не додржа, па не пропуштаа ниту една прилика „во живо“, да и покажат на новата локална власт дека се спремни за пари, макар и за 1000 ден, да ги прекинат спиновите.

Пари немаше! Спиновите продолжуваа! А, „мудрите“ понесени, во жарот на квази новинарската страст заборавија на народната мудрост, чувана во архетипот, „не плукај нагоре, да не падне врз тебе“.

Па, се удавија во плуканицата.

Конструираа спин дека во касабата (нивото на кое што го доведе градот расипничкиот режим) власта ќе ја исклучува водата на семејствата што немаа платени сметки. Дека без вода ќе останат оние најсиромашните, што режимот ги остави на маргините.

Спинот го конструираа тие квазиновинарите, кои што ширеа говор за омраза, делејќи ги луѓето по вера на „наши и ваши“. Меѓу нив имаше и таков којшто 11 години не плаќал сметки за вода. „Плуканицата зашто сега немаше лепак, падна врз неговата глава, додуша врз капата, додека во телевизијата за лаги, власта одлучи да го скрши спинот! Само миг потоа, власта соопшти, и „телевизијата за лаги“ нема платено 19 месеци сметки за вода!

Веста одекна во касабата. Луѓето се згрозија. Потслушнуваа, во времето на „големиот брат“ дека нешто се случува со овие слуги на режимот, но не им беше докрај јасно. А, камерите во „телевизијата за лаги“ не се скршија, сепак. Само прашините во кои се гушеа и пердувите и куч со кои дотогаш се китеа се размрдаа од виорот на ветерот на вистината, што дуваше околу шупата. Квази новинарите со лице – ѓон, како дресирани „деца на диктатурата“ останаа силни при секое соопштување на вистината и фактите, за нивното беззаконие.

„Весничето за лаги“ пак, ден пред тоа осамна со содржина со која се демантираше во претходниот број. Расудувањето,сепак им попушти во безумието.

А, жителите на касабата, утрото саботно, пазарно, околу градскиот саат коментираа: „Бесрамно, недолично, мизерно, ниско, дно ти биле тоа новинарите на режимот!“

Кој знае можеби и тие не сакаат…

Можеби вистината е скриена во дел од архетипот!

(авторот е новинар и ПР советник)

 

АКО.мк