Марина Костова:Слобода…за што?

Kога ќе помислам кај бевме, кај дојдовме, стално си викам: Какво време да се биде жив!

Мојата генерација ја почна новинарската кариера на самиот почеток на осамостојувањето на Македонија и беше ретка привилегија професионално да се следи и забележи тој возбудлив процес на раѓање на една држава. Се чувствуваме како да јаваме на бранот на историјата и сечеме точно низ него, гледајќи ја историјата в очи, со насмевка.

Што се вика, го зграпчивме денот. А после, денот не зграпчи нас.

Верувам дека никој од нас ни на сон не помислуваше дека во животот ќе нѐ снајде еден авторитарен, корумпиран режим, кој ужасно го регресираше целото општество и држава.  Најмногу во таа регресија настрада новинарството. Преживеавме цензура, закани, насилство, притисоци, хајки, затворање медиуми. Македонија, според индексот на слобода на говор и медиуми на Фридом хаус и на Репортери без граници, последниве 12 години со години беше рангирана како неслободна земја.

Неслободна земја.

Во овој кус и турбулентен период на реконвалесценција од година и пол, оти да се ослободи земјата од последиците на режимот е како да се излечиш од смртоносна болест која за малку не те убила, значи сака многу време, се обидувам со циничен оптимизам да се надевам дека можеби ќе се оправиме.

Навистина, има видно помалку напади врз новинарите, ама неказнивоста за насилството сѐ уште е правило, а не исклучок. Реформските медиумски закони се сработени, ама уште не се донесени, а јавниот сервис уште е заробен. Укинато е владиното рекламирање, како главна алатка за корупција и контрола врз медиумите, ама не е укинато рекламирањето од општините и локалната самоуправа. Цензура и автоцензура има уште. Стотици новинари се без работа, а и поголемиот број вработени работат во прекаријат.

Кога сега мислам за слободата на медиумите, повторно ме мачи истото прашање за кое пишував во 2009: Слобода за што?

Вистинското прашање не е дали и колку се медиумите слободни, туку за што се слободни? Дали се слободни да плукаат по сè и сешто, а најмногу по ривалите на своите газди? Или се слободни да мислат со своја глава, да поставуваат разумни и логични прашања и упорно да инсистираат на одговори, дури и тогаш кога премиерот и министрите,па и газдите сметаат дека „не е сега време за тоа“?

Дали новинарскиот еснаф е слободен да ги компромитира професионалните стандарди и професионалната одговорност заради лични кариеристички побуди? Или е слободен проактивно да ги штити работните и професионалните права на новинарите и во однос на власта и особено во однос на работодавците?

Дали новинарите кај нас сакаат да бидат слободни да мислат, пред сè, на професионалните стандарди за објективност и вистина?

Посткомунистичката транзиција во Македонија ги дилетантизира сите професии, а тоа најмногу се гледа во новинарството. Медиумите се дилетантизирани и инструментализирани во борбата меѓуполитичките партии и меѓу посткомунистичките газди.

„Најпогубно за новинарството денес е што секој поголем бизнисмен има свој медиум, секој среден бизнисмен има свој новинар, а зад секој од нив стои некоја партија“,забележа луцидно покојниот карикатурист Делчо Михајлов уште на почетокот на2000-те.

А дилетантизирањето на голема врата отвори простор за корупција, без оглед дали е финансиска или политичка. Последица на тоа е сеирџискиот, дилетантски и скандализирачки однос на медиумите кон нашата реалност.

Стварно,живееме во време на „пост-вистина“ или „алтернативна вистина“ и лажни вести, и дури и кај нас политичарите почнаа да го користат терминот„лажна вест“ заради дискредитација на новинарствито. Ама драги колеги, верувамцсите знаеме дека лажните вести не се најголемиот непријател на новинарството.Најголемиот непријател е мрзливото новинарство – препишувачко, без независнацпроверка на фактите, со глумење балансираност, неодговорно и некомпетентно. Лошото,мрзливо новинарство ја уништува способноста на слободните медиуми и ја поткопува довербата на јавноста во седмата сила.

Тој медиумски квази баланс, мотивиран од опортунистичко одбивање да се преземе професионалната одговорност, е најголемиот злотвор кој најмногу придонесе вредноста на борците за слобода да се изедначи со онаа на борците против слобода.

Верувам дека нашата професија е нашата вистинска татковина, a интегритетот на професијата е нашиот вистински дом. И како циничен оптимист, драги колеги, верувам дека ова ни е последна шанса за конечно – да се вратиме дома.

И анџак сме во Собранието – да се помириме и со тој факт.

(говор на Марина Костова по повод државната награда за публицистика ,,Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за монографијата ,,Манчевски“)