Мајката на Ивона Лимба Талевска сопственик на ,,Смарт“ фирмите, Латас на ,,Тотал“

Пред три години портпаролт на СДСМ Петре Шилегов одржа прес конференција на која ги откри матните зделки на Драган Павловиќ Латас и на Ивона Талевска преку нивните фирми кои се сега предмет на истрага на СЈО.

Еве што рече тогаш Шилегов:

,,Овие податоци од Централниот регистар покажуваат дека мајката на Ивона Талевска, Лимба, е сопственик/содружник во фирмата „СМАРТ КОМЈУНИКЕЈШНС ДООЕЛ“ Скопје чија дејност е истражување на пазарот и испитување на јавното мислење.

Лимба Талевска, покрај тоа што има бизниси за медицинска опрема и за испитување на јавното мислење, таа поседува и Агенција за маркетинг, регистрирана како „СМАРТ ГРОУП ЛТД ДООЕЛ“ Скопје.

И двете фирми, формирани во период од 7 дена, во 2011 година, во моментов се во постапка на утврдување на статус.

Ова не е се.

Како Лимба Талевска, така и куќниот пријател на Груевски, главниот и одговорен уредник на Сител телевизија, Драган Павловиќ Латас, освен на Градски стадион б.б, бизниси има и на други адреси.

На пример, познатиот пропагандист на власта, Драган Павловиќ, е управител и на Друштво за маркетинг и пропаганда „ТОТАЛ МАРКЕТИНГ ДООЕЛ“ Скопје. Фирма која според овој документ од Централниот регистар е активна.

Исто така, на „Илинденска“, во Карпош, Латас има Агенција за маркетинг, регистрирана како „МЕДИАМАКС ДООЕЛ“ Скопје. Оваа фирма, регистрана во 2011 година, во моментов е во постапка на утврдување на статус.

Вчера објавивме за повеќе фирми, со слични дејности, активни, во фаза на затворање или ликвидирани, чиешто седиште е Градски стадион б.б., а сопственици или управители се уредниците од телевизија Сител, Павловиќ-Латас и Талевска.

Како е можно уредници – новинари паралелно да работеле или работат и бизниси со медицинска опрема, маркетинг, истражување на мислење, истражување на пазарот, комерцијални услуги? По кој новинарски стандард?

За сето ова, до овој момент молчат и ќерката и мајката Ивона и Лимба, и главниот уредник на Сител Латас, и министерот за здравство Тодоров, и премиерот Груевски и сите државни институции во земјава.

Сите овие информации упатуваат на сериозни индиции за можни злоупотреби на медиумите.

Јавноста очекува расчистување на овој скандал“, рече Шилегов.