МВР го осуди политиканството и дезинформирањето на Андонов

Министерството за внатрешни работи остро ги осудува обидите за ширење дезинформации и невкусни инсинуации со цел добивање на политички поени, а на сметка на девалвирање на професионалноста на вработените во МВР. За таа цел МВР ја информира јавноста дека интензивно, професионално и непристрасно работи на расчистување на настанот од минатата ноќ во кој беше повредено едно лице.

Имено, минатата ноќ, непосредно по полноќ, во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ донесено е лицето Д.Т. со повреди здобиени од огнено оружје. Од страна на екипи на СВР Скопје излезено е на местото на настанот, извршени се разговори со повеќе лица и преземени се неопходните оперативно-технички мерки, при што е утврдено дека околу 23:30 часот на се уште неутврдено место од страна на непознат сторител со употреба на огнено оружје биле испукани неколку истрели кон повредениот, кој најверојатно се наоѓал во неговото ПМВ, при што сторителот се дал во бегство во непознат правец. Повредениот најверојатно се упатил кон Градската општа болница и движејќи се по бул. Партизански одреди со своето ПМВ Голф 5 удрил во бетонска жардињера, по што возилото се превртело. По настанот, од страна на случаен минувач, кој се движел со своето возило по бул. Партизански одреди, била повикана итна медицинска помош и повредениот Д.Т. е примен во Ургентниот центар, каде поради сериозноста на повредите е извршен оперативен зафат и констатирани се тешки телесни повреди. Повредениотпо оперативниот зафат се уште се наоѓа во животно загрозувачка состојба.

Од страна на СВР Скопје известено е јавното обвинителство, кое увидот на местото на настанот го препушти на увидната екипа на СВР Скопје. По извршениот, патничкото моторно возило е пренесено во кругот на МВР за понатамошно вештачење. Од страна на СВР Скопје се работи на целосно расчистување на случајот и идентификување на сите инволвирани лица- се вели во соопштението на МВР.