МВР со претставки до медиумските организации поради непрофесионално информирање на дел од медиумите за инцидентот во Волино

Министерството за внатрешни работи испрати претставки до Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поради очигледното свесно дезинформирање од одредени медиуми во врска со инцидентот на фудбалскиот натпревар во с. Волино, се вели во соопштението.

,, Се надеваме дека овие организации соодветно ќе реагираат на непрофесионалното, неетичко и очигледно свесно дезинформирачко постапување со цел поттикнување на омраза, насилство и нетрпеливост на неколку медиуми , иако уште од почетокот со усна информација, а потоа и по писмен пат и преку извадокот на дневни настани   https://mvr.gov.mk/izvadok-od-dnevni-nastani/1611 Министерството за внатрешни работи детално информираше за овој настан“.

Ова е известувањето во билтенот на МВР:

На 08.09.2019 во с.Волино-Дебрца на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК Сатеска од с.Волино и ФК Црно буки од Битола околу 17.05 ч. поради незадоволство од одлука на судиите З. Т. (47) од. с.Волино влегол на теренот да ги нападне. Полициски службеници интервенирале и при превземање на мерки за приведување на З.Т.. тој пружил отпор, а полициските службеници во извршувањето на службени дејства ( при приведувањето на игралиштето и потоа и при транспорт на приведените) биле попречувани од Т.Н. (50) од с.Волино, К. Н. (21) од с.Волино, С.Б. (37) од. с.Волино, Д.С. (24) од с.Волино, Б.А. (36) од с.Волино, Н.С. (27) од. с.Волино, М.А. (59) од с.Волино, кои се приведени во ПС Охрид. Во попречувањето учествувале и Г.Д., А.В. и Ѓ.И. за кои се преземаат мерки за пронаоѓање. Известен е јавен обвинител и против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Учесниците во инцидентот и некои медиуми, тврдат дека полицијата ги привела жителите на Волино, поради знаме со Ѕвездата од Вергина, а не затоа што учествувале во инцидент и во спречување во работа на полициски службеници.