Мега-интервјуто на Груевски за Република има и трет дел

Мега-интервјуто на Груевски има трет дел, но според она што може да се види на крајот, тука не завршува ова грандиозно интервју, кое засега е без автор.

Третиот дел е посветен на Албанците и односот на Груевски кон нив, а тој се споредува со Трамп и прави паралела дека и тој не бил разбран за Мексиканците како Груевски за Албанците.

Еве дел од интервјуто заедно со воведниот дел:

,,Во продолжение ви пренесуваме третиот од мегаинтервјуто на Република со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Во овој дел разговараме за двојазичноста, кантонизацијата и промената на Уставот од една дистанца по завршување на изборите, за тоа зошто има разлики во сфаќањето на патриотизмот, како и манипулациите на Сорос со овој термин на глобално ниво и паралелите на тие околности со домашната политичка сцена.

 

Сепак  чувството на националист и за Вас се засили на последните избори кога се спротивставивте на двојазичноста на целата територија, кантонизацијата и на промената на Уставот во тој правец…

ГРУЕВСКИ: На последните избори СДСМ отиде со понуда кон Албанците која нема да им го подобри животот, но звучи примамливо на прв поглед, особено кога некој друг вели не. Албанците во Македонија се околу 25 отсто, Македонците околу 65 отсто. 25 и 65 не е ни исто ни приближно. За да имате двојазичност на целата територија, потребно е процентите да се изедначени или приближни, што не е случај. Второ, потребно е населението да е измешано низ целата земја и низ сите поголеми градови и села, што, исто така, не е случај во Македонија. Што корист ќе има Албанец ако во Делчево, Гевгелија, Струмица или во Кавадарци има двојазичност. Таму каде што им е потребна и корисна двојазичноста, таму ја имаат. И така треба. Тоа е правилен концепт. Ако во тој концепт нешто недостига, тоа може да се дебатира или подобри, но со закон да ја тераш повеќе од пола земја да учи албански јазик, кој нема допирна точка со македонскиот, е нелогично барање. Јазик се учи ако ти треба. Што му треба на некој во Берово, во Крива Паланка или во Демир Капија да учи албански кога во цел град или нема ниеден или има многу малку Албанци. Како ние, политичарите би им ја објасниле на граѓаните таквата одлука. Згора на сѐ, тоа чини многу и финансиски. Ајде вака да кажеме, ајде да замислиме дека политичарите во Македонија ќе донесат одлука со која сите Албанци ќе мора да научат турски или влашки. Сакале-не сакале, им требало или не им требало. Затоа што некому му паднало на памет дека така ќе освои повеќе гласови или некој му кажал така. Генерално, познавањето јазик е позитивна работа и на доброволна основа секој може да прави сѐ, и државата треба да го поттикне тоа, но сосема поинаку е да мора секој да го учи. Уште повеќе што зад идејата за двојазичност на целата територија се криеше следната идеја или план, планот за кантонизација, што не беше препознатлив само преку настапите на Заев во Швајцарија, туку и во нивната програма користејќи вокабулар кој е прикривачки, но суштината иста.

Деновиве ја читав неговата книга, свежо ми е, и затоа ќе повлечам една паралела. Низ кампањата во Америка, и таму и кај нас многу медиуми пренесуваа дека Трамп е против Мексиканците, дека Трамп е против Американците од Јужна и од Средна Америка што говорат шпански, дека е против имигрантите, против Црнците, итн. Со обзир дека не секој има време и можности детално да чита и анализира, претпоставувам многу неинформирани гласачи гласаа против него верувајќи дека навистина го кажал тоа. Читајќи ја внимателно книгата „Повторно величествена“, се уверив дека Трамп не говори така. Тој вели треба да ја сузбие нелегалната миграција, која во Америка е огромна и во најголем дел доаѓа од Мексико и од земјите со латински јазици од Јужна и од Средна Америка. Но, истовремено вели тој, парафразирам, дека приливот на имигранти што доаѓаат да живеат и да работат во Америка не треба да запре, напротив треба да се зголемат годишните квоти на имигранти од сите земји, да се поедностават, да се издаваат побрзо и поефикасно, вклучувајќи ги и Мексико и Јужна и Средна Америка, но, по легален пат, а не илегално затоа што обично преку илегалното доаѓање се спровнуваат, покрај чесни и работливи луѓе, и многу криминалци, бивши затвореници за дрога, кражби, убиства, силувања и слично, и на тој начин некои држави им ги испраќаат најлошите луѓе и се ослободуваат од нив, а тие во Америка ги трпат секојдневно последиците во секоја смисла.

 

А, што пренесуваа медиумите? Дека Трамп рекол оти е против Мексиканците, против имигрантите, дека имигрантите се силувачи и убијци итн. Значи, тотално вадење од контекст на една добра и благородна идеја, нешто што секој здраворазумен човек би го поддржал, но ако така стигне до него, како што е кажано. Тој додава дека на негова страна ќе се чесните и способни Мексиканци, Кинези и луѓе од други земји што не сакаат да дојдат во Америка заради криминал или живот со социјална издршка од државата, туку чесно да влезат во системот и да придонесат во издигнување на државата, а притоа да си обезбедат подобар живот за себе…

 Која е паралелата со нас?

ГРУЕВСКИ: Паралелата е со нашиот наводен национализам кон Албанците. Токму ние ги имаме направено најважните работи за нашите граѓани Албанци, никогаш не сум кажал ниту еден лош збор за нив, еве погледнете ги моите настапи за Албанците на митинзите во Штип, во Гази Баба, во Крушево, во Карпош, Велес… и на други места, каде што малку подолго го елаборирав тоа што го мислам за предлогот на Заев и за Албанците. Но, тоа не го имаат чуено Албанците, ним некои медиуми и политичари што се мои противници им врежаа во глава дека ги мразам Албанците, дека сум против нив, дека сум против албанскиот јазик, универзитети, знаме и слично, што е невистина. Тотална невистина. Не само што е невистина, туку е и обратно. И видете, тоа го говорат од СДСМ, партија која во минатото на дело покажа антиалбанство.

Значи, паралелата е во спинувањето, во лагите на медиумите и во политичкиот противник без ниту еден факт…”

(Парче од третиот дел интервју со Груевски за Република)