Мекинро одбил еден милион долари од Трамп да игра против сестрите Вилијамс

Актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, пред неколку години  му понудил еден милион долари на поранешен број 1 во светот, Џон Мекинро да одигра ревијален натпревар со Серена Вилијамс или со нејзината сестра Венус.

Американската тениска легенда ова го откри во емисијата “In Depth with Graham Bensinger“која се прикажува на Ен-Би-Си.

  “Добив писмо од Доналд Трамп, кога никој не замислуваше дека еден ден ќе стане претседател на САД. Во него тој ми понуди еден милион долари за натпревар против Серена или Винус. Никогаш во животот не сум сакал да излезам на терен против жена, па затоа одбив”, изјави Мекинро и истовремено откри какви шанси би имал против Серена Вилијамс доколку излегол на дуел против неа.

“Сега не сум толку сигурен дека ќе победам, бидејќи сум постар. Но, тогаш немав сомнеж, бидејќи бев светски број еден, воопшто не бев лош играч. Но, моите деца не веруваа дека би можел да ја победам Серена, дури и тие не беа на моја страна”, се пошегува Мекинро.