Мендух Тачи ќе ја предводи ДПА и на локалните избори

Ништо од заминувањето на Мендух Тачи од челната позиција на ДПА. Тој останува на чело на партијата и ќе ја предводи и на локалните избори. По шестчасовниот состанок на Централното собрание на ДПА во Тетово, тој рече дека би било неодговорно од негова страна сега во овие моменти да не ја прифати препораката на членовите на Централното собрание, кои одлучиле да не свикуваат Вонреден конгрес иако Тачи по предвремините избори заради катастрофалните изборни резултатит поднесе, наводно, неотповиклива оставка:

– Централното собрание донесе тешка одлука да не го свика конгресот. Имам многу волја да се борам со противниците, но немам никаква волја да се борам со моите луѓе. Временскиот контекст е таков што не ми овозможува многу простор. Се наоѓаме на прагот од локалните избори и ако избираме друг претседател има голема можност да се соочи со многу слаб резултат на локалните избори и тоа да се интерпретира како ефтин политички трик од моја страна. Прифатив да ја водам партијата на овие локални избори убеден дека ќе имаме многу посилен резултат,рече Тачи.

Тој соопшти дека се договориле по локалните избори пак да се донесе одлука за конгрес на партијата, на кој во зависност од резулататите ќе се понесе и одговорноста.

Сега Тачи е овластен да почне разговори и за учество во новата Влада:

– Ќе барам состанок со Иванов и ќе барам од него да го добијам мандатот за формирање на Влада. Деведесет и девет отсто нема да го добијам мандатот, бидејќи Иванов сигурно ќе ми побара да соберам 61 пратеник, но тогаш ќе се обидам да ги соберам како и другите што се обидуваат да ги соберат – рече Тачи.

Тој сака состанок и со Заев и нему ќе му каже дека манипулацијата со гласови не е математика , туку политика.Ситуацијата е сериозна и сите треба да седнеме да разговарам,рече Тачи.