,,Меѓаши“ се сомнева за институционален организиран синџир за продажба на новороденчиња

Пандорината кутија е отворена – вистината мора да биде обелоденета, вака детската амбасада Меѓаши ги оценува обидите на надлежните да ги истражат состојбите со посвојувањето, но и да истражат каде завршуваат децата родени од штитеничките на клиниката за гинекологија.

Постапувањето на службите на МТСП со децата штитеници во домовите и начинот на кои тие се посвојуваат под лупа на неколку институции.

„Откако  почна оваа истрага со конкретниот пример за барање на поткуп, кој беше долги години јавна тајна, но никој не се осудуваше да зборува, од сите страни пристигнуваат разни информации, Пандорината кутија наполнета со многу негативности кои имаат далекусезжни последици.“ – изјави Татјана Гоговска – лице за односи со јавност во Првата детска амбасада во светот Меѓаши, за ТВ 24.

Откако Јавното обвинителство по допрен глас отвори постапка за мито и корупција во службите и комисиите на министерството, а поврзани со процесот за посвојување, и Народниот Правобранител отвори истрага зад која, како што вели Мемети, стојат сомненија дека е вмешана и клиниката за гинекологија. На оваа клиника абортираат и се пораѓаат малолетните штитенички од домовите, а омбудсманот истражува каде одат тие деца.

„И ние добиваме морничави информации во однос на таквите состојби и по однос на состојбите на клиниката за гинекологија. Имаме информации дека деца од таквите центри абортираат и се пораѓаа во клиниката“ – изјави Иџет Мемети – Народен правобранител.

Сомнежите кои Мемети ги изнесе во јавност за поврзаноста помеѓу министерството за труд и клиниката за гинекологија, според Меѓаши, би значело дека досега се манипулирало со бројката на смртност на новороденчиња.

Се манипулираше со бројката дека смртноста на доенчињата се зголемува и сите се чудеа и од гинекологија велеа дека имаат современи апарати. Дали таа смртност е реална, дали се работи за крадење на деца кои натаму се продаваат, кој е тој синџир. Имаме институција која е инволвирана.“ – изјави Гоговска.

Детската амбасада и Народниот правобранител сметаат дека се работи за организирана структура која со години работи. Омбудсманот ја истражувал клиниката за гинекологија уште во 2013 година, но таа истрага завршила без исход. Сега Мемети повторно го истражува државното породилиште. Во меѓувреме, Обвинителството истражува дали службениците во министерството бараат пари за децата кои ги даваат на посвојување.

(прилог на ТВ24)