Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа само на еден чекор до освојување на седмата шампионска титула, како гости, го совладаа големиот ривал Работнички (69-60) и поведоа со 2-0 во финалната плејоф-серија што се игра до три победи.

Клучно за победа беше фантастичната серија 12-0 во последната четвртина, во која МЗТ направи целосен резултатски пресврт и негативата од четири поени ја претворивме во позитива од 62-54, што се покажа како доволно за конечен успех.

Дамјан Стојановски со 16 поени и 10 скока беше најефикасен во нашиот тим. Тој постигна дури осум поени во клучната серија на крајот која ни го донесе посакуваниот триумф. Иве Иванов средбата ја заврши со 10 поени и девет скока, а двоцифрен поентерески ефект имаше и Лестер Медфорд со 10 поени. Предраг Самарџиски и Марко Симоновски постигнаа по девет, а Џејмс Вудард седум поени.

Првата можност за прослава на седмата титула МЗТ ја има веќе зутре, кога ќе се одигра третиот финален меч и тоа во нашата сала „Јане Сандански“.