Мигрантската криза во фокусот на Медитеранскиот форум

Мигрантската криза, причините и последиците кои ги предизвикува овој меѓународен проблем е темата на Медитеранскиот форум, што се одржува денеска во Скопје, во рамки на 15-та Есенска сесија на Парламентарното Собрание на ОБСЕ.

Потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски, во своето експозе ја истакна подготвеноста на Република Македонија да ги стави на располагање сите свои ресурси и да даде придонес во однос на мигрантската рута којашто ја минуваат бегалците кон северно-европските земјите.

%d0%bc%d0%be%d0%bd%d0%b8%d0%ba%d0%b0

„Оние држави коишто имаат повеќе ресурси и влијание, како постарите членки на Советот за безбедност, повикувам да се ангажираат и со координирано дејствување во Ирак и Сирија да го дадат придонесот за клучно решение на проблемот со бегалската криза“, порача Милошоски.

Според него, недостасува заеднички контекст за овој меѓународен проблем, којшто смета дека може да се реши само со примена на меѓународното право.

„За да се најде заеднички контекст, треба државите да се држат до меѓународното право, зашто само така можеме да се соочиме со мигрантската криза, која е социјален, но и безбедносен проблем. А, прашање на време е кога ќе има и нов бран на бегалци. Балканот секогаш бил и ќе остане еден од клучните коридори на Европа, и нам ни треба заедничка стратегија за настап. Никој во Европа не може да се обвини за причините за оваа мигрантска криза, причините се подлабоки, се случуваат во Ирак, Сирија… Никој не може да нé обвини за неорганизираност. Овие кризи не се само социјални, туку и политички. Феноменот на бегалците предизвикува политички кризи, тоа се забележува во Шведска, Финска, Германија… Партиите со граѓански предзнак, треба да бидат поагилни и поангажирани, зашто ако се делува задоцнето, може да биде и предоцна за овој проблем. Колку повеќе национални партии ќе добиваат место во парламентите, толку повеќе ќе се решава проблемот со мигрантите. Европа не смее да си дозволи уште време и луксуз, во недејствување во однос на мигрантската криза“, рече, меѓу другото, во своето експозе потпретседателот на Собранието, Милошоски.

%d0%bc2

На Есенската сесија ќе се расправа по неколку теми кои се во рамките на принципите на дејствувањето на ОБСЕ. Работниот дел се состои од седница на Постојаниот комитет, Парламентарна конференција на тема „Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“ и Медитерански форум.

Во рамките на Парламентарната конференција, ќе се одржат три работни сесии, од кои на првата ќе се дискутира за „Доброто владеење како основа за поттикнување на економскиот развој во регионот на ОБСЕ“. На втората сесија на тема „Развој на демократските институции и човековите права во Југоисточна Европа: улогата на ОБСЕ“, ќе биде одржана тркалезна маса со шефовите на мисиите на ОБСЕ во регионот. Поаѓајќи од актуелната состојба со бегалската криза, тема на третата сесија ќе биде „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција врз основа на човековите права“.

Инаку, на овој најголем меѓународен парламентарен настан организиран во историјата на Република Македонија, учестуваат делегации од 51 земја-членка на ОБСЕ, со 370 пријавени учесници, од кои 220 се пратеници.

Текст и камера: Моника Талеска
Извор: Цивил