Миле Хаџиски ќе лежи 20 години затвор за убиството на Мери Јошевска

Апелациониот суд – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја достави пресудата со КЖ бр. 626/16 со која ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд К.бр 2927/15 против обвинетиот М.Х. за кривичното дело Убиство по член 37 ст.2 т.1 и 4 од КЗ, сторено 18.06.1993 година, во Скопје.

Со второстепената пресуда, Апелациониот суд ги одбил жалбите на обвинетиот М.Х. изјавена преку неговите бранители и жалбата на неговата мајка, како неосновани, и во целост ја потврди првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 – Скопје од 14.12.2015 година со која обвинетиот М.Х. судот го огласи за виновен за кривичното дело Убиство по член 37 ст.2 т.1 и 4 од КЗ и го осуди на казна затвор во траење од 20 годин-извести Основен суд Скопје 1.

Инаку, Миле Хаџиски во 1993 година, кога имаше само 21 година ја уби Мери Јошевска нанесувајќи и 40 убоди со нож по целото тело. Тоа беше едно од најсуровите убиства во Македонија кое се случи на 18 јуни 1993 година на булеварот „АВНОЈ“ бр. 104 во Скопје. Расправијата меѓу Хаџиски и Јошевска почнала напладне во нејзиниот стан. Тој најпрвин почнал да ја дави со раце, а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по глава. Потоа со кујнски нож почнал да ја боде во пределот на главата и стомакот. Од здобиените повреди Јошевска починала на  место.

Хаџиски потоа зел неколку парчиња златен накит за да изгледа дека станува збор за кражба и го напуштил станот, оставајќи ја Јошевска да почине.

 

Миле Хаџиски  ги искористил недореченостите во законот во однос на максималното траење на притворот од 30 дена за полесни кривични дела и 90 дена за дела од најтежок вид. Тогаш (1996) од затворот Идризово биле ослободени сите што биле со неправосилни пресуди. Педесетина затвореници добиле право да се бранат од слобода.

Хаџиски со лажен идентитет успеа да избега во Франција и во последните 20 години живеел на релација Франција –Швајцарија. Долг период служел и во Легија на странци. На почетокот на минатата година тој е притворен во Лозана, за дела кои ги извршил во Швајцарија, но брзо успеа да избега и од тој затвор. Се претпоставува дека бил член и позната меѓународна српска криминална банда Пинк  Пантер.

Тој живееше со лажен идентитет како Зоран Томиќ, а во Македонија беше екстрадиран минатата година откако беше пронајде со меѓународна потерница и веднаш во судски процес во Македонија осуден на 20 години затвор.

Казната сега ја потврди и Апелација по што таа станува правосилна.

АКО.мк актуелно-објективно