Миле Јанакиески со полиција спроведен во суд и покрај решение за изолација

Судот веќе не им верува на оправдувањата и медицинските белешки за недоаѓање на судските процеси на дел од обвинетите во предметите од СЈО.

Судијата Бошевски нареди стражарно спроведување на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој повторно има решение за изолација наводно поради контакт со заболено лице од Ковид 19.

Денешното рочиште за предметот ,,Траекторија” кој го води Судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Лиле Стефанова, започна со доставен писмен поднесок од канцеларијата на адвокат Еленко Миланов со кој го известува Судот дека од денеска 25.11.2020 година обвинетиот Миле Јанакиески е со Решение за изолација поради контакт со заболено лице од Ковид-19 па се до 01.12.2020 година, информира Зелена лупа.

Судијата Бошевски соопшти дека по телефонски контакт со надлежната полициска станица ,,Карпош” добил потврден одговор дека обвинетиот Јанакиески ќе биде спроведен во Кривичниот Суд Скопје со задоцнување од 30 минути, па рочиштето ќе започне во 11 часот, соопшти Зелена лупа.

Судијата Горан Бошевски кој го води предметот “Траекторија” во судницата пристигна во 12:12 часот и соопшти на сите присутни дека брзиот тест кој бил направен во домот на обвинетиот е НЕГАТИВЕН.Обвинетиот Миле Јанакиески по изминати 2 часа беше спроведен во кривичниот суд, рочиштето продолжува со доказната постапка со сослушување на сведокот на обвинителството кој заедно со сите странки беше постојано присутен во големата судска сала на првиот спрат, стои во мониторингот на Зелена лупа.